Сѐ повеќе дебели деца, неопходна е здрава исхрана

427

Зголемена телесна тежина имаат 43,7 отсто од учениците во петто одделение, а 18,8 отсто се дебели. Речиси 38 отсто од децата на возраст од 6 до 8 години имаат зголемена телесна тежина, а 18,5 се дебели. Во градинка 29,4 отсто од децата имаат зголемена телесна тежина, а 11,6 отсто се дебели.

Ова го покажуваат најновите податоци од програмската активност на Институтот за јавно здравје, што се прави секоја година во рамки на Програмата за јавно здравје. Со годинашното истражување биле опфатени деца од градинки и училишта од цела Македонија.

Доктор Игор Спировски од Институтот за јавно здравје денеска на прес-конференција, во рамки на кампањата на Владата за подигнување на свесноста на граѓаните за значењето и потребата од користење здрава храна и водење здрав начин на живот и применување физичка активност, рече дека машките деца во Македонија три до четири проценти се подебели од женските на иста возраст.

– Оние кои ќе бидат дебели како деца многу е веројатно дека ќе бидат дебели возрасни и ќе ги носат сите ризици за кардиоваскуларни и други видови заболувања кои ги носат зголемената телесна тежина и дебелината, истакна Спировски на презентацијата на податоците.

Посочи дека податоците покажуваат дека дебелината на децата за 1,5 до 2 проценти е зголемена годинава во однос на претходните години. Станува збор за деца од второ одделение.

Според податоците на Институтот од 2010 година 34 отсто од машките деца имале зголемена телесна тежина, а 18,2 отсто се дебели, додека 27,4 отсто од женските деца биле со зголемена телесна тежина, а 12,1 отсто се дебели.

Спировски рече дека важни се промени во однесувањето во текот на целиот ден, важни се промени на семејствата кои ќе им создадат на децата на навики за здрава исхрана.

– Научните докази велат дека тоа што ќе го усвојат како деца во однос на навиките во исхраната ќе го имплементираат и како возрасни. Интервенциите во делот на исхраната и зголемувањето на физичката активност се долготрајни, ретко се појавуваат големи намалувања на стапките кои ги очекуваме дека би се намалиле, но ако има тренд кој во иднина би се подобрувал тогаш ќе бидеме многу среќни во однос на тоа што е направено и дали е променета свеста, додаде Спировски.