Пуштете го детето да биде дете

151

Нормално е родителите на своите деца да им посакуваат се најдобро и да е трудат да ги воспитуваат што е можно подобро. Меѓутоа понекогаш родителите имаат преголеми очекувања од децата, што ги оптоварува и го затегнува односот родител-дете.

И децата имаат право да бидат нерасположени

Кога ќе се вратат уморни од работа последно нешто што им е потребно на родителите е да го трпат лошото расположение на своите деца. Сепак, колку и да сте уморни морате да разберете дека и тие имаат право на лош ден, исто колку што имате и вие. Можеби детскиот проблем, кавгата со другарчето, некоја симпатија и слично ви изгледа како глупост, но за нив тоа се вистински проблеми и доволна причина да бидат лошо расположени. Секако доколку детето е постојано нерасположено, тоа е веќе проблем.

Очекувате да бидат совршени во училиштето

Секако дека родителите сакаат нивното дете да биде успешно, да се труди и да постигнува добри резултати во училиштето. Сепак би требало да сфатите дека децата не ги интересираат сите училишни предмети подеднакво, така што логично е нешто да му оди подобро, а нешто полошо. Во секој случај никако не би требало да го казнувате детето затоа што нешто не му оди и затоа што не е совршено во училиштето. Сетете се дека и вие не сте совршени на работа.

Очекувате никогаш да не погрешат

Многу мајки и татковци се лутат кога детето нешто ќе згреши, ќе испушти или скрши чинија, ќе ја тресне вратата…И возрасните можат да згрешат, затоа на децата не треба да им наметнувате стандари, кои ни возрасните не можат да ги исполнат. Сите грешиме, тоа не може да се оспори, затоа не дозволувајте да ве фрустрира кога вашето дете ќе згреши некаде.

Кавга пред децата

Децата го набљудуваат однесувањето на своите родители и поголемиот дел од тоа го прифаќаат. Значи доколку ја критикувате сопругата или сопругот пред децата, зебележувате и за најмали ситници, можете да очекувате дека и вашето дете наскоро така ќе се однесува. Едноставно родителите мораат да му дадат пример на своето дете и тоа не со зборови, туку со дела.

Правите „од мравка слон“

Одредено детско однесување бара одреден вид на казна, земање на нешто што детето го сака, но сетете се на своето однесување кога сте биле дете и обидете се да не правите од најмала грешка најголема катастрофа. Кога е во прашање ситна грешка доволно е со децата да разговарате за тоа зошто не нешто е добро и да им помогнете да научат нешто од целата ситуација.

На крајот на краиштата во ред е да имате извесни очекувања од детето, понекогаш да се налутите на нив, да ги казните, да очекувате да ги исполнат своите обврски и слично, бидејќи родителите сето тоа го прават за да ги воспитаат своите деца на најдобар можен начин. Единствено важно е во тој процес на воспитување да не заборавите на своето дате да му дозволите да биде дете и да ужива во своето детство.