ПРЕСВРТ НА НАФТЕНИОТ ПАЗАР | “Црното злато” никогаш поевтино – стравот од рецесија си ја заврши работата

476

Оценката е дека рецесијата во најголемите земји и потрошувачите на нафта може да ја намали побарувачката по барелите.

На светските берзи минатата недела цената на нафтата падна за повеќе од 11 отсто. Годинава зборуваме за пониски нивоа, бидејќи трговците се плашат од рецесија, а со тоа и од слабеење на побарувачката на „црното злато“. Цената на барелот на лондонскиот пазар потона за една недела за 11 отсто на 76 долари за барел, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 11,2 отсто на 71,02 долари. Овие цени се задржани и утрово, со мало отстапување на позитивната страна.

Зошто паѓаат цените? Постојат неколку јасни причини. На самиот почеток на минатата недела цените пораснаа бидејќи стапи на сила ембаргото на Европската унија за руската нафта испорачана со бродови. ЕУ исто така постави ограничување на цената на руската нафта, од 60 долари, за да ги намали руските приходи од продажбата на нафта.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во исто време ја потврди одлуката за намалување на производството за два милиони барели дневно. Сето ова ја поддржа цената на нафтата. Но, само неколку дена подоцна, со објавувањето на новите економски показатели за Европа, Кина и Америка, кај инвеститорите се појави страв од рецесија, која ја намали цената на нафтата.

Оценката е дека рецесијата во најголемите земји и потрошувачите на нафта може да ја намали побарувачката на барели. Америка е најзагрозена тука, имајќи ја предвид невидената инфлација во последните 40 години, поради што ФЕД интензивно ги зголемува каматните стапки.