Конзумирањето премногу алкохол му штети на срцето, дури и ако сте млади и фит, предупредуваат авторите на новото истражување и додаваат дека тоа е една од причините да се намали консумацијата на алкохол на минимум.
Различни видови на аритмии се нарушувања на срцевиот ритам, а се јавуваат поради нарушувања во создавањето, односно спроведувањето на електричниот импулс одговорен за работата на срцето и може да се појават кога поединецот консумира премногу алкохол, според германските научни истражувачи.
Тие го проучувале однесувањето на 200 млади мажи и жени кои редовно излегуваат и пијат два до три алкохолни пијалоци. Сите тие имале највисоко ниво на алкохол во крвта од 2,5 промили измерено во текот на истражувањето, што значи дека се чувствувале дезориентирани, велат лекарите.
Научниците го проверувале нивниот пулс пред, за време и после консумирање алкохол.
Додека учесниците во истражувањето пиеле алкохол, нивниот пулс постепено се зголемувал, а во некои случаи надминувал 100 отчукувања во минута.
Според Британската национална здравствена служба (NHS), редовниот и нормален пулс треба да биде помеѓу 60 и 100 отчукувања во минута во состојба на мирување.
Пет проценти од испитаниците доживеале загрижувачки аритмии, од кои повеќето се случиле откако престанале да пијат алкохол.
И додека во Германија се одржува Октоберфест, фестивал посветен на пивото, експертите потсетуваат дека алкохолот може сериозно да влијае на работата на срцето.
Како кардиолози, мораме да кажеме дека оваа студија дава дополнителен доказ за негативното влијание на акутното прекумерно консумирање алкохол врз здравјето на луѓето, изјави Moritz Sinner, кардиолог од München и коавтор на студијата објавена во списанието European Heart Journal.
Научниците велат дека долгорочните последици од аритмиите предизвикани од алкохол врз здравјето на срцето се непознати.
Но, според студијата спроведена пред неколку години од експерти од Center for Heart and Vascular Diseases на University of Hamburg, дури и редовното консумирање на мали количини алкохол може да резултира со срцева аритмија наречена атријална фибрилација.
Се карактеризира со хаотичен проток на електрични импулси кои предизвикуваат забрзано и некоординирано отчукување на срцето. Тоа може да биде привремено и да започне и да престане само од себе, но некои епизоди може да не исчезнат без третман. Поврзана е со мозочен удар.
Постојат многу видови на нарушувања на срцевиот ритам. Општо земено, срцевите аритмии се групирани според стапката на отчукувања на срцето во минута. Тахикардија е забрзано чукање на срцето, што значи повеќе од 100 отчукувања во минута, а брадикардија е бавно отчукување на срцето или помалку од 60 отчукувања во минута.