Помогнете му на Вашето дете да порасне

286

Секој родител посакува сè најдобро за своето дете и сака да го израсне во самоуверена и успешна личност. Тоа е главната причина зошто родителите воопшто не штедат време ниту пари за образованието на своето дете.

Но, важно е да се знае дека образованието коешто го добива на училиште не е доволно за едно дете да порасне во успешна личност. Најважна улога за тоа во каква личност ќе порасне детето, е воспитувањето од мајката и таткото.

Постојат многу начини коишто можат да помогнат во воспитувањето на детето, но овие вештини се едни од најважните кои ќе му помогнат на вашето дете да порасне во успешна личност.

Способност да завземе свој став

Ова е една од најважните работи на кои морате да го научите вашето дете уште од многу мала возраст. Вашето дете мора да знае дека вие нема секогаш да бидете покрај него да го заштитите и спасите во секоја ситуација, па затоа тоа мора да има изградено цврст карактер и да има свој став во секоја ситуација и секогаш со самодоверба да се бори за своите идеи и размислувања. Детето мора да знае дека вие го слушате и разбирате, затоа почесто покажувајте заинтересираност за разговор со него. Избегнувајте да бидете саркастични кога одговарате на некое негово прашање и трудете се почесто да давате потврдни одговори на неговите прашања.

Концентрација

Децата секогаш се концентрираат на тоа што во моментот им е интересно, затоа почесто држете им лекции коишто не само се поучни, туку се и интересни. На пример, кога го учите вашето дете да пишува, дадете му буквите да ги пишува на табла со маркер или пак со креда или дадете му буквите да ги прави од пластелин. Запомнете дека, децата највеќе учат од тоа како се однесуваат нивните родителите, па затоа кога му обврнувате внимание гледајте ништо да не ве деконцентрира. Друг начин за да ја вежбате концентрацијата на вашето дете е со цртање, редење сложувалка, боење и слични игри. Исто така, додека шетате терајте го да забележува детали, како што се знаци, автомобили во различни бои и големини и други различни бои, форми и текстури.

Самоувереност

Колку побрзо вашето дете научи да ги завршува работите само, толку посамоуверено ќе биде во иднина. Исто така, ќе му биде полесно да ги завршува училишните обврски и сите други обврски кои ќе ги има додека расте. Охрабрувајте го вашето дете само да се облекува, да ги заврзува врвките на патиките, да ги враќа играчките на свое место и да исчисти секој пат кога ќе извалка нешто. На овој начин, вашето дете ќе се научи дека сè треба да завршува само и ќе има поголема самодоверба.

Да биде тимски играч

Многу е важно на вашето дете уште од најрана возраст да му објасните како стојат работите во општеството, односно во градинка, па потоа на училиште, факултет, на работното место итн. Вашето дете мора да знае дека доколку ги следи тие правила ќе има добар однос со луѓето околу него. Една од најважните работи е способноста да соработува и работи како тимски играч. Кога ќе го учите вашето дете да биде такво, запомнете дека не треба да го споредувате со другите деца, за да не предизвикате љубомора или агресивност. Наместо тоа, фалете го повеќе, па дури и преувеличувајте ја секоја работа којашто ја направило вашето дете и бодрете го секогаш да работи во тим.

Самоорганизирање

Оваа вештина ќе му помогне на вашето дете да ги постигне своите цели. Главниот начин да го научите да се самоорганизира е да му давате секој ден обврски кои мора да ги заврши во текот на денот или во текот на неделата и на тој начин ќе направите вашето дете да почне да размислува како да се организира за да успее да ги заврши сите тие работи. Исто така, морате да направите рамнотежа меѓу обврските и слободното време на вашето дете. Детето мора да има време и за забава, игри, хоби и сè што сака да прави и го интересира.