Почина Мирчо Чуков

2321

Завчера ненадејно почина вокалистот и клавијатурист на македонската музичка група „Интервали“, Мирчо Чуков.

Голем број негови пријатели и колеги од естрадата се простија од Чуков, а меѓу нив и пејачот Ѓоко Ѓорчев.

„Драг мој Мирче, почивај во мир. Денес Македонија го изгуби еден од најдобрите вокали, прекрасен човек и другар. Почивај во мир и нека ти биде светол патот до вечноста. Сега да им пееш на ангелите“, напиша пејачот на Фејсбук.

„Интервали“ е македонска поп–група од Струмица, која била формирана во 1974 година. Мирчо Чуков и Снежана Момчиловиќ, како вокали, ѝ се придружиле на групата во 1982 година, а во 1984 година ја направиле првата снимка за продукцијата на радио-телевизија Скопје, за песната „Венчавка“.

Потоа се ределе песните „Ех, да сакаш“, „Плачела“, „Ноќта е створена за грев“, „Те молам немој“, „Дана“, „Ана“ итн. со кои оставија свој печат на македонската музичка сцена.

Во септември минатата година, групата „Интервали“ го имаше своето десетто јубилејно учество на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“.