Почина Данчо Чеврески

189

Актерот и професор Данчо Чеврески почина на 69 години по долго боледување. Тој беше професор и во одредени период и декан на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје.

Чеврески е роден на 17 мај 1951 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје на отсекот за драмски актери. Специјализација, односно филмско усовршување има добиено на УКЛА во Лос Анџелес.

Има остварени ролји во повеќе југословенски и македонски филмови, меѓу кои: „Партизанска ескадрила“ каде стана популарен со ликот Зеко, „Игмански марш“, „Најдолгиот пат“, „Хај-фај“, „Трст виа Скопје“, „Тетовирање“, „Џипски меџик“, „Панкот не е мртов“, „Ова не е американски филм“, „Деца на сонцето“, додека, пак, последната филмска улога му е во „Втора шанса“ на Марија Џиџева од 2019 година.

Тој е еден е од основачите на приватното претпријатие за производство на филмови ТИРАНГЛ, а работеше и како професор на ФДУ во Скопје и беше декан на Факултетот.

Добитник е на повеќе награди во текот на неговата плодна кариера, а минатата година на 14. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, му беше доделена наградата „Астер“ за исклучителни достигнувања на филмот и на ТВ.

Погребот на Данчо Чеврески е утре во кругот на семејството.