По првата доза на Фајзер, може да се заразите со новите мутации

289

Една единечна доза на вакцина против коронавирус Фајзер може да не генерира доволен имунолошки одговор за да заштити лице од доминантни нови варијанти, покажа британско истражување објавено во петокот.

Студија на Империјал колеџ, која го испитала имунолошкиот одговор на здравствените работници во Велика Британија по нивната прва доза вакцина Фајзер, открила дека оние кои претходно имале лесна или асимптоматска инфекција ја зајакнуваат заштитата од мутациите на вирусот што се појавија во Велика Британија и Јужна Африка.

Истражувачите кои ја спроведоа студијата истакнаа дека „имунолошкиот одговор по првата доза на вакцината е послаб кај луѓето кои претходно не биле заразени, што потенцијално може да ги изложи на ризик за нови варијанти“.

„Оваа студија ја нагласува важноста на втората доза на вакцина за да се заштити популацијата“, рече Розмари Бојтон, професор по имунологија и респираторна медицина во Империјал и еден од водечките автори на студијата.

„Луѓето кои ја примиле првата доза на вакцина, а претходно не биле заразени со ковид-19, не се целосно заштитени од новите вознемирувачки варијанти“, додаде Бојтон.

Студијата, објавена во списанието „Сајанс“, анализира примероци од крв за присуството и нивото на имунитет против првичниот вид, како и таканаречената британска варијанта, позната како Б.1.1.7, и други како Б.1.351 што се појави во Јужна Африка.

Откриено е дека по првата доза на Фајзер, подобрениот имунолошки одговор во форма на Т-клетки, Б-клетки и неутрализирачки антитела е поврзан со претходната инфекција.