За науката, многу е ретко да се има можност да се проучуваат екосистеми кои се појавуваат, а еден таков им бил достапен цели седум години во јужниот дел на Тихиот Океан.
Беше создадена невидена можност не само за геолозите и вулканолозите, туку и за биолозите и еколозите кога се појави нов остров во Јужниот Тихи Океан во 2015 година. Појавата на овој нов остров им даде можност на научниците да научат како започнуваат екосистемите, почнувајќи од микробиолошките пионери кои колонизираат нова почва, пред да се појават растенијата или животните таму.
Сепак, островот Hunga Tonga-Hunga Ha’apai (Hunga Tonga) не се задржал долго, откако беше формиран од вулканска ерупција во 2015 година. Имено, тој бил уништен од нова вулканска ерупција која се случила на почетокот на 2022 година. Меѓутоа, во текот на седумте години од постоењето, тој остров открил неколку интересни тајни на екосистемот во зародиш.
„Не го видовме тоа што го очекувавме“
Во новото истражување, објавено во научното списание mBio, научниците презентираа докази за неочекувана заедница на микроби на островот кои метаболизираат сулфур и атмосферски гасови, слични на организмите кои се наоѓаат во живеалиштата на топлите извори или длабоките морски хидротермални отвори.
Не го видовме тоа што го очекувавме. Мислевме дека ќе видиме организми што ќе ги најдете кога глечерот ќе се повлече, или цијанобактерии, потипичен ран колонизирачки вид — но наместо тоа најдовме единствена група бактерии кои метаболизираат сулфур и атмосферски гасови, објасни Nick Dragone, микробиолошки еколог во Универзитетот во Colorado.
Тој и неговите колеги собрале 32 примероци почва од островот, во области кои се движат од нивото на морето до врвот на кратерот, кој е висок околу 120 метри. Растенијата го колонизирале островот прилично брзо откако бил формиран, веројатно благодарение на семињата во птичјиот измет, но научниците ги насочиле напорите за собирање на области без вегетација.
Од каде потекнуваат новите облици на живот?
Тие извлекле и секвенционирале ДНК од овие примероци и пронашле бактерии и археи во сите нивни примероци од конусот на вулканот, иако овие микроби биле помалку разновидни од микробите од блиските вегетациски области, но многу различни од нив.
Би било логично првите микроби на новиот остров да потекнуваат или од океанска вода или од птичји измет, но се чини дека овие чудни бактерии и археи потекнуваат од тој извор. Научниците се сомневаат дека овие микроби би можеле да дошле од длабоко под земја.
Една од причините зошто мислиме дека ги гледаме овие уникатни микроби е поради својствата поврзани со вулканските ерупции: многу сулфур и водороден сулфид гас, што веројатно ги поттикнува уникатните таксони што ги најдовме. Микробите биле најслични на оние пронајдени во хидротермалните отвори, топлите извори како Yellowstone и другите вулкански системи. Нашата најдобра претпоставка е дека микробите потекнуваат од тие видови извори, истакнува Dragone.
Нови можности со новостекнато знаење
Ретко се случува научниците да имаат можност да истражат ваков новоформиран екосистем. Иако научниците го проучувале и доаѓањето на животот на претходно новоформираните острови, тие повеќе се фокусирале на растенијата и животните отколку на микробите.
Овие типови на вулкански ерупции се случуваат насекаде низ светот, но тие обично не создаваат острови. Имавме неверојатно уникатна можност. Никој никогаш не ги проучувал микроорганизмите на овој тип островски систем во толку рана фаза, вели Dragone.
Сепак, никој нема да има можност повторно директно да ги проучува жителите на тој остров, бидејќи седум години откако “изронил“ од Пацификот, Хунга Тонга исчезна на подеднакво спектакуларен начин.
Кога вулканот повторно еруптирал во јануари 2022 година, ја произвел најголемата експлозивна ерупција во 21-от век, со најголемиот облак од пареа и пепел во запишаната историја. Хунга Тонга е избришан, но за среќа не пред научниците да успеат да дознаат интригантни детали за неговиот краток век.
Секако дека сме разочарани што островот го нема, но сега имаме многу предвидувања за тоа што ќе се случи кога ќе се формираат островите. Значи, ако нешто се формира повторно, би сакале да одиме таму и да собереме повеќе податоци. Би имале план како да го проучуваме, изјави на крајот Dragone.



















