Убиен на 2 март 1942 г. и фрлен на чакалот Плетварски, како куче.
Загина на неполна 21 година.
На 2 март 1942 година, рано во мугрите, кукавички, од заседа се убиени народниот херој Лазо Филиповски-Лавски и вујко ми, народниот херој Борка Талески-Модерното.
Борка немаше ни 21 година.
Биле испратени на непостоечка задача, без јавка и без оружје. Биле испратени од нивните во смрт, за да бидат егзекутирани.
Длабоко во ноќта на 1 наспроти 2 март, вујко ми отишол дома од длабока илегала.
За да се збогува.
Ја испратил баба ми кафе да му свари и ги зел сестрите в скут.
Целиот беше во грч, вилицата му беше стегната,
нозете му се тресеа, ми кажуваше мајка ми.
Само што излезе мама од соба, тој ни рече мене и на тетка ти:
Јас веќе нема да се вратам. Ви оставам аманет мама да ја чувате.
Знаеше дека оди во смрт.
Утредента, штом се расчуло за погибијата, ги собрала баба ми сите и им рекла:
“Брат ви Борка го отепаја. Глава гордо високо сите, да не сум ве видела надвор солза да пуштите! Ако ви се плачи, дома ќе плачите. Нема да се ситат душманите!”
Оти, душмани не беа фашистите, тие не ги убија Борка и Лазо. Нивните ги убија. По директива „од горе“.
ЗОШТО ВУЈКО МИ БОРКА БЕШЕ ЗАДОЕН СО ИДЕАЛИ ЗА МАКЕДОНИЈА
Четирите деца на Петре Талески-Модерното и на Спасија: Борка, Благоја, Љупка и Вера, мајка ми, растеа задоени со идеалите за слободна Македонија и со духот на Илинденското востание.
Дедо им Тале, таткото на дедо ми Петре, од мали им раскажувал за минатото на Македонија и ги учел дека “Народ што имал еден Илинден ќе има и втор!”
Борка уште во основно ги собирал другарчињата и им зборувал за слободна Македонија, за рамноправен живот на сите граѓани.
РЕВОЛУЦИОНЕРНОТО СЕМЕЈСТВО ТАЛЕСКИ
Во II Светска војна целото семејство активно учествуваше во борбата против окупаторот и секој ден сите го ставаа животот на коцка за Македонија.
Тој слободарски и борбен дух остана во нашата фамилија со децении по завршување на војната.
Борка не го убија Бугарите. Борка, како и бројни други наши херои, е егзекутиран од неговите сопартијци и фрлен на плетварскиот чакал како куче.
Ние имавме само слика (што е тука објавена).
Ни баба ми ни дедо ми, а потоа ни мајка ми не успеаја да му ги најдат коските и да го закопаме, гробот да му се знае.
Баба ми Спасија Талеска на времето, неколку години по завршувањето на војната, покрена цела група мајки на загинати борци убиени од партијата, и заедно со нив му отиде право на Тито во Белград. Таму во името на сите нив и нивните загинати чеда се исправи пред него, очи в очи, за да побара правда за сите паднати синови и ќерки. Да се обелодени вистината кој ги егзекутира.
Правда мајките не ја добија.
Баба ми никогаш лош збор не кажа. Од почит кон споменот на Борка и сите други паднати херои.
…..се сеќавам дека неколку пати, таму некаде во седумдесеттите години, ја имам чуено баба ми како тивко за себе си вели: “Борка, синко, ти за ова не загина….”
Убаво велеше мојата баба Спасија, мудрица: Вистинските комунисти завршија под земја или на Голи Оток.
За вистинските причини и начинот на неговата егзекуција, како и за сите што имаа удел во неговата погибија, мајка ми, по 15-годишно макотрпно и обемно истражување, стотици разговори и илјадници страници, ја напиша книгата “Потрага по вистината”.
Поткрепено со бројни веродостојни, проверени факти, меѓу другите и од полициски архиви.
Точно се знае кој ја донел одлуката, кој ја издал наредбата и кој ги егзекутирал. Со имиња и презимиња.
Ама револуцијата и кај нас си ги јадеше децата.
Се гордеам што сум дел од оваа слободоумна, храбра и прогресивна фамилија.
Фамилија во која повеќе од еден век се негува доблеста, интегритетот и највисоките човечки вредности. Фамилија што повеќе од еден век се давала за доброто на нашата сакана Македонија.
ВЕЧЕН СПОМЕН НА СИТЕ ЗНАЈНИ И НЕЗНАЈНИ БРОЦИ ЗА МАКЕДОНИЈА
Вечен нека им е споменот на сите знајни и незнајни борци што низ вековите и до денешен ден го дадоа животот за Македонија.
Да не се повтори!
Да живееме во мир, во слобода и во демократија. Да дочекаме Македонија за каква што загина Борка, и илјадници други како него!
Тоа е легатот што ни го оставија сите оние кои низ нашата вековна крвава историја го дадоа животот за Македонија.
Слава им и фала им.
Дафина Николовска, внуката на Борка Талески Модерното



















