Општина Центар го надградува ГИС порталот

845

Општина Центар, како прва единица на локалната самоуправа која го воведе ГИС (Географски Информациски Систем) порталот во нејзиното работење, во континуитет работи на негова надградба и усовршување.

Досега ГИС системот општината го користеше за процедурите од областа на урбанизмот, односно издавање на изводи од ДУП-ови, а физичките и правните лица имаа можност преку веб страната на општината и ГИС порталот сами да пристапат до геолокациите од нивен интерес.

Со последните надградби, кои на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и на општинските служби им беа презентирани од страна на компанијата ИНС (Intelligent Network Solutions), која го изработува ГИС порталот, покрај урбанизмот, ГИС порталот ќе има можност да покрие и други области.

Со последната надградба, ГИС порталот на Општина Центар наскоро ќе додаде модули за преглед на податоци од областите на градежното земјиште, комуналната инспекција и инспекцијата за животна средина, од урбаното зеленило, легализацијата на бесправните објекти, основното образование, урбаното планирање, паркинзите и модул за урбаната опрема.

Ова е уште еден чекор на Општина Центар во насока на дигитализација на работењето на општинските сектори и одделенија, со кој дополнително ќе им се олесни пристапот на жителите до податоците, услугите и сервисите кои ги нуди општината.