Објавено June 9, 2016. Прочитано 26829
Проф. Билјана Стојаноска и Ирина Снчук
Класната во основно ми беше од Прилеп. Ама од ПрИлеп, а не од-Прилеп. То селско било. Многу не сакаше и никош не ни се лутеше. Марин, едно машко од мојо клас, многу се праеше курназ и еднаш успеја да ја налути:
– Марин, зошто не пишуваш?
– Не Ве интересира наставничке!
– Одговори ко ти велам.
– Немам режалка за да го наоштрам моливо.
– Не ме интересира!
– Епа, Ви реков јас.
И така секош ја вртевме на смешка.
Кога дојде времето да одиме на екскурзија се отепа организирајне и убедувајне да не однеси таму: Че ве шетам сегде! Че видите шубо е! Че појме на Марку Куле да го видите слоно, че го видите споменико на Александар и на Крали Марко, велеше.– Додуша, ко го местеја споменико му ја олцнале ногата и сега тро алипен е, али Прилепчани итри се, че го попра дотогаш!
Немој случајно некој да и речеше дека дијалекто и е за нигде. Че ни се испулеше напоречки и че ни речеше: -Гордејте се со дијалектите, то значи дека потекнувате од стара цивилизација! Оти во Америка има само 3 дијалекти? И тука, чоек, в корен не сечеше.
И би така! Чколијата реши да ојме во Прилеп. Ама уште во подготовките имавме проблеми. Ни рече вака: Извајте налив да запишите се шо че ви кажам: че си земите нешто за поручек, само немојте бурек со изварка оти че ви се снеарни по пат. Че си клајте нешто за пијајне и обавезно да си носите неко фермеле да не застуди. Утре сабајле во 8 без петнајсе сите прет порта!
Утредента трганвне за Прилеп ама со пола сат каснејне оти пола од децана сватиле во 8 и петнајсе да дојда. Стигнавме. Ние, деца ко деца, се растрчавме по то планината, а та туку вика по нас: Кроце бе деца, не вјасајте! Можи да падните, како че ве носам дома. Не глејте ги вие Прилепчани нив мајмуни ги вика! Ја да му речам, тие и на дрво мижи-татара че игра! Ирино, мори, шо се смејш ко е така!
И одма почнува да раскажува дека не е срамота на Прилепчанец „мајмун“ да му речиш. Оти то значело дека се многу итри маткачи.
Сѐ на сѐ, Прилеп арен ми се виде. Научив и топуска шо е, и чочка шо е, и абдесанашо е. Убо си поминавне и срејчни се вративне.
- Ирина Сенчук, поранешен ученик на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци – Скопје“
- Билјана Стојаноска, професор по англиски јазик во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци – Скопје“



















