Научниците велат дека „јадрото“ на делтакронот доаѓа од делта варијантата, додека неговиот шилест протеин доаѓа од омикронот.
Научниците го потврдиле постоењето на новата варијанта на коронавирусот што комбинира мутации од омикрон и делта, а случаи на новооткриената варијанта се забележани и во Европа и во САД.
Новата хибридна варијанта, неофицијално наречена делтакрон, е потврдена со секвенционирање на геномот од страна на научниците од Медитеранскиот Инфекционен универзитет во Марсеј, Франција и е откриена во неколку региони на Франција, се вели во написот објавен во базата на податоци medRxiv кој уште треба да помине рецензија.
Според меѓународната база на податоци GISAID, случаи на делтакрон се откриени во Данска и Холандија.
Фирмата за генетско истражување Helix со седиште во Калифорнија, во посебна студија, идентификувала два случаи на делтакрон во САД, а според Guardian, околу 30 случаи се идентификувани во Обединетото Кралство.
Процес на рекомбинација
Новата хибридна варијанта е создадена со процес наречен рекомбинација, што значи дека две варијанти на вирусот заразиле ист пациент во исто време, разменувајќи генетски материјал за да создадат ново потомство.
Научниците велат дека јадрото на делтакронот е изведено од делта варијантата, додека неговиот шилест протеин – кој му овозможува на вирусот да навлезе во клетките домаќини – е изведен од омикронот, според документот на medRxiv.
„Откривме дека рекомбинацијата може да се случи и кај луѓето и кај животните со повеќе циркулирачки варијанти на SARSCoVa-2“, твитна д-р Soumya Swaminathan, главен научник на Светската здравствена организација (СЗО). Тој посочи дека „сега треба да почекаме да се направат прецизни експерименти кои ќе ги утврдат својствата на овој вирус“.