На вработените во белгиската федерална влада повеќе нема да им биде дозволено да ја користат видео апликацијата TikTok во кинеска сопственост на нивните официјални мобилни телефони, изјави во петокот белгискиот премиер Alexander De Croo.
Де Кро објасни дека белгискиот совет за национална безбедност предупредил на ризиците поврзани со големиот број податоци што ги собира TikTok, кој е во сопственост на кинеската компанија ByteDance, како и фактот дека компанијата е обврзана да соработува со кинеските разузнавачки служби.
Тоа е реалноста и затоа има смисла да се забрани употребата на TikTok на паметните телефони обезбедени од федералната влада. Безбедноста на информациите е на прво место, рече тој.
На ваквата одлука реагираше TikTok со соопштение во кое се вели дека е разочаран од истата и дека се базира на „фундаментално погрешни информации“.
Компанијата објави дека складира кориснички податоци во САД и Сингапур и дека гради центри за податоци во Европа.
Кинеската влада не може да ги принуди другите суверени нации да споделуваат податоци складирани на нивна територија, рече портпаролот на компанијата.
Европската комисија и Европскиот парламент минатиот месец ја забранија употребата на TikTok на паметните телефони на нивниот персонал, загрижени поради можноста кинеската влада да собира кориснички податоци или да ги промовира сопствените интереси.
Пекинг цело време негира дека има такви намери.
Белгиската фламанска регионална влада, исто така, објави дека ќе го ограничи пристапот до TikTok на телефоните на своите вработени, а De Croo ги повика другите регионални влади да ги применат истите правила.



















