NASA предупредува дека Земјата во 2046 година ја чека неизвесен Св. Трифун | Фото/Видео

1079

Сите забележани астероиди блиску до Земјата, набљудувани од NASA, не претставуваат никаква опасност за Земјата, но NASA откри еден, воедно и прв кој се најде на официјалната скала за мерење на ризик од судир со Земјата.

Канцеларијата за координација на планетарната одбрана на NASA објави дека Св. Трифун (Денот на вљубените) во 2046 година е загрозен бидејќи постојат „мали шанси“ астероид со големина на олимписки базен да удри во Земјата токму тој ден.

Проекциите на Европската вселенска агенција (ESA) велат дека шансите споменатиот астероид да удри во Земјата во 2046 година се 1 спрема 625, но проекциите на самата NASA велат дека шансата е нешто поголема, односно 1 спрема 560.

Торинската скала

Астероидот за кој станува збор се вика 2023 DW и е единствениот вселенски објект на списокот на ризични објекти на NASA што е рангиран на 1 од 10 Торинската скалата за опасност од удар, метрика за категоризација на предвидениот ризик од судир на објект со Земјата. Сите други објекти се рангирани како 0 на Торинската скала.

Оценката од 1 на гореспоменатата скала навистина значи само дека можноста за удар со Земјата е многу мала, без причина за внимание или загриженост на јавноста, според Лабораторијата за млазен погон на NASA (Jet Propulsion Laboratory, JPL). Од друга страна, резултатот од 0 на истата скала значи дека веројатноста за судир е нула или толку мала што практично е нула.

Дополнителните анализи можат драстично да ги променат шансите за удар

Претставниците на NASA предупредуваат дека шансите за удар на астероид може драматично да се променат бидејќи се собираат повеќе набљудувања на 2023 DW и се спроведуваат дополнителни анализи.

Честопати, кога за прв пат се откриваат нови објекти, потребни се неколку недели податоци за да се намалат неизвесностите и адекватно да се предвидат нивните орбити за години во иднина, се вели во објавата оваа недела на NASA Asteroid Watch на Twitter.

Но, не е невообичаено новооткриените астероиди да изгледаат заканувачки кога првпат се набљудуваат.

Бидејќи орбитите кои произлегуваат од многу ограничени групи на набљудувања се понеизвесни, таквите орбити се со поголема веројатност да „овозможат“ идни влијанија. Сепак, ваквите рани предвидувања често може да се отфрлат бидејќи вклучуваме повеќе набљудувања и ги намалуваме неизвесностите во орбитата на објектот. Најчесто, заканата поврзана со одреден објект ќе се намали како што ќе станат достапни дополнителни набљудувања, вели на својата веб-страница JPL Центарот за проучување на објекти блиску до Земјата.

НАСА има оружје за тоа

Астероидот 2023 DW, кој првпат е забележан на 2 февруари оваа година, има дијаметар од околу 50 метри, соопшти NASA. Додека орбитира околу Сонцето, има 10 предвидени приоди кон Земјата, при што најблиску е планирано да се случи на 14 февруари 2046 година, а останатите девет меѓу 2047 и 2054 година. Најблиску што астероидот треба да дојде до Земјата е околу 1,8 милиони километри, според страницата Eyes on Asteroids на NASA.

2023 DW патува со брзина од околу 25 километри во секунда, на оддалеченост од повеќе од 18 милиони километри од Земјата, а на секои 271 ден овој астероид прави целосен круг околу Сонцето.

Но, во септември 2022 година, со спектакуларно успешната мисија DART, NASA покажа дека човештвото има оружје против потенцијално опасните астероиди и е подготвено за такви сценарија. Во мисијата DART, да потсетиме, вселенското летало на NASA намерно удри во астероид со цел да ја промени својата траекторија.