Ова не е предупредување за луѓето да се откажат од вегетаријанската исхрана – како и со секоја диета, важно е да се разберат личните околности и кои хранливи материи се потребни за балансиран и здрав начин на живот, истакнува водечкиот автор на студијата.
Жените со вегетаријанска исхрана имаат поголем ризик да скршат колк подоцна во животот, покажува новото истражување.
Вегетаријанската исхрана е „често поврзана со помал внес на хранливи материи поврзани со здравјето на коските и мускулите“, објавија научниците откако нивната студија покажа дека вегетаријанските жени имаат 33 отсто поголем ризик од фрактура на колкот во споредба со жените кои редовно јадат месо.
Студијата, во која учествуваа повеќе од 26.000 жени на возраст од 35 до 69 години од цела Британија, го проценува ризикот од фрактура на колкот кај вегетаријанците, оние кои јадат риба, но не и месото и оние кои јадат месо повремено, во споредба со редовните потрошувачи.
По околу 20 години, истражувачите забележале 822 фрактури на колкот кај жените – околу 3 проценти од оние вклучени во студијата, која била објавена во списанието BMC Medicine.
Експертите од Универзитетот во Лидс откриле дека зголемен ризик од фрактура на колкот е откриен само кај вегетаријанските жени во споредба со жените кои редовно консумираат месо.
Податоците се извлечени од UK Women’s Cohort Study, која ги следи жените во долг временски период за да ги процени ризиците и врските помеѓу исхраната и здравјето.
Во групата жени 28 отсто се вегетаријанци, а 1 отсто вегани.
Водечкиот автор на студијата Џејмс Вебстер, научник од Факултетот за наука за храна и исхрана во Лидс, рече:
Нашата студија ја нагласува потенцијалната загриженост за ризикот од фрактура на колкот кај вегетаријанските жени. Сепак, ова не е предупредување за луѓето да се откажат од вегетаријанската исхрана – како и со секоја диета, важно е да се разберат личните околности и кои хранливи материи се потребни за балансиран и здрав начин на живот.
Тој додаде:
Вегетаријанската исхрана често има помал внес на хранливи материи поврзани со здравјето на коските и мускулите. Овие видови на хранливи материи генерално се позастапени во месото и другите животински производи отколку во растенијата, како што се протеините, калциумот и другите микронутриенти.
Нискиот внес на овие хранливи материи може да доведе до помала минерална густина на коските и помала мускулна маса, што може да ве изложи на ризик од фрактури на колкот.
Коавторот на студијата, професорката Џенет Кејд додаде:
Фрактурата на колкот е глобален здравствен проблем со висока економска цена што предизвикува губење на независноста, го намалува квалитетот на животот и го зголемува ризикот од други здравствени проблеми. Растителната исхрана е поврзана со лошо здравје на коските, но нема докази за поврзаност со ризикот од фрактури на колкот. Оваа студија е важен чекор во разбирањето на потенцијалните долгорочни ризици од исхраната базирана на растенија и што може да се направи за да се ублажат тие ризици.
Научниците рекоа дека се потребни дополнителни истражувања за да се процени дали слични резултати може да се потврдат кај мажите.