Научниците за теориите на заговор

88

Заговорите тешко можат долго да се држат во тајност, истакнуваат научниците, кои сметаат дека порано или подоцна некои од нив ќе ги издадат.

Имено, една научна студија истражила колку долго некоја теорија на заговор може да „преживее‟ пред вистината и намерно или случајно, да излезе на виделина.

Доктор Дејвид Гримс од Универзитетот во Оксфорд изведе формула со која ја изразил таа теза, а потоа ја употребил на четирите најпознати теории на заговори. Неговата работа е објавена во „Плус Уан Џурнал“.

Равенката што ја смислил др. Гримс, физичар на Оксфорд, се потпира на три фактори – бројот на заговорниците кои се вклучени, времето кое е поминато и вродената веројатност дека заговорот ќе пропадне.

Потоа ја применил равенката на четири познати теории на заговори – верувањето дека слетувањето на Месечината било лажно, дека климатските промени се измама, дека вакцините предизвикуваат аутизам и дека фармацевтите намерно го кријат лекот за рак.

Анализата на др. Гримс сугерира дека ако овие теории на заговори се точни, најверојатно досега би биле потврдени како вистинити.

На пример, дека теоријата за лажирање на слетувањето на Месечината е точна, тоа би се потврдило по 3,7 години, дека климатските промени не се вистинити би се дознало во време од 3,7 до 26,8 години, дека вакцините навистина предизвикуваат аутизам би било потврдено во време од 3,2 до 34,8 години, а теоријата со лекот за рак би била потврдена за 3,2 години.

– Математичките пресметки кои ги користев беа слични на тие кои се користеле во поранешни трудови за физиката на радијацијата, изјави др. Гримс, кој за да ја изведе оваа формула, почнал со Поасоновата дистрибуција, вообичаена статистичка алатка која ја мери веројатноста на некој настан во одреден временски период.

Користејќи неколку претпоставки, кои ги комбинирал со математичка дедукција, дошол до општа, но нецелосна формула.

Поточно, недостасувал добар дел од веројатноста дека теориите на заговори ќе пропаднат. За да го одреди тоа, Гримс ги анализирал податоците од три вистинити настани кои излегле на виделина.

Првиот е програмата за надзор која ја спроведувала американската Агенција за национална безедност (НСА), позната под името ПРИСМ. Во програмата биле вклучени 36.000 луѓе, а целата активност ја откри Едвард Сноуден шест години подоцна.

Вториот настан е експеримент со сифилис од Тускејџ во кој на црни пациенти намерно не им бил даван лек против сифилис (пеницилин). Експериментот вклучувал 6.700 луѓе, а скандалот го отркил др. Петер Бакстон по 25 години.

Третиот прикриен настан е скандалот во ФБИ при кој др. Фредерик Вајтхарст откри дека форензичките анализи на БиротоI се ненаучни и лажни, што резултирало со затворање и погубување на многу недолжни луѓе.

Доктор Гримс додава дека е свесен оти е тешко или дури невозможно да ги разубеди тие кои одлучиле да веруваат, но сеедно се надева дека неговата работа ќе биде корисна за оние кои ги интересира дали научниците можат да потврдат дека нешто е измама или не е.

Би-Би-Си – Лондон