Во следните 300 милиони години, научниците предвидуваат дека Тихиот Океан постепено ќе исчезне и ќе се формира нов голем суперконтинент на Земјата, во циклус за кој велат дека се повторува на секои 600 милиони години.
Новата симулација на суперкомпјутер покажа дека деновите на Тихиот Океан се одбројани. Симулацијата се заснова на постојаното движење на тектонските плочи на Земјата. Но, има и добра вест, а тоа е дека на најстариот океан на Земјата му остануваат уште удобни 300 милиони години пред да исчезне, па така ќе успее да го достигне својот јубилеен милијардити роденден.
Сепак, научниците од Универзитетот Curtin во Австралија веруваат дека Тихиот Океан најверојатно ќе биде проголтан пред споменатата годишнина.
Пред самото исчезнување, Тихиот Океан повеќе нема да личи на огромно синило какво што е денес. Секоја година тој океан се намалува за неколку сантиметри, како што се случувало откако бил суперокеан околу последниот суперконтинент, Пангеа.
Суперконтинент Амазија
Овој древен океан е дом на бројни зони на субдукција (исто така познат како Огнен прстен); места каде тектонските плочи се судираат и минуваат една преку друга. Секоја година, неколку сантиметри од пацифичката плоча се лизга под евроазиската плоча и индо-австралиската плоча, намалувајќи го растојанието помеѓу континентите Северна Америка, Азија и Австралија.
Не сите научници се согласуваат за тоа како ќе изгледа следниот суперконтинент или како ќе се формира, но во многу симулации Тихиот Океан е осуден на пропаст. Додека некои студии сугерираат дека Атлантскиот Океан, кој денес се шири, би можел да почне да се намалува во иднина, создавајќи суперконтинент опкружен со Тихиот Океан, истражувачите од Универзитетот Curtin не се согласуваат.
Наместо формирање на друг континент сличен на Пангеа (Pangea Proxima), тие тврдат дека светот се движи кон суперконтинент наречен Амазија, каде Северна Америка се судира со Азија. Австралија е испуштена од ова име, но во 4Д геодинамичките модели се чини дека Австралија игра важна улога во запечатувањето на остатоците од Тихиот Океан.
Циклус на секои 600 милиони години
Новите симулации на научниците од Австралија се засноваат на реални параметри на тектонските плочи и обвивката на Земјата од сегашноста и минатото, кои потоа ги користел суперкомпјутер за предвидување на иднината. Нивната студија беше објавена во научното списание National Science Review.
Во текот на изминатите две милијарди години, континентите на Земјата се судриле за да формираат суперконтинент на секои 600 милиони години, познат како циклус на суперконтиненти. Со суперкомпјутерска симулација за тоа како се очекува да еволуираат Земјините тектонски плочи, успеавме да покажеме дека за помалку од 300 милиони години Тихиот океан ќе се затвори, што ќе овозможи формирање на Амазија, разоткривајќи некои претходни научни теории, вели Chuan Huang, научник за Земјата и главен автор на новата студија.
Спротивно на некои други симулации на суперконтинент, оваа нова сугерира дека Тихиот Океан, а не Атлантскиот Океан или Карипското Море, ќе бидат уништени при формирањето на Амазија. Во сегашниот модел, Амазија се формира кога Пацификот се затвора поради слабеењето на горниот слој на океанската кора, велат австралиските научници.
Земјата како што ја знаеме ќе биде драстично поинаква кога ќе се формира Амазија. Нивото на морето се очекува да биде пониско, а огромната внатрешност на суперконтинентот ќе биде многу сува со високи дневни температури, вели геонаучникот Zheng-Xiang Li.
Што велат другите слични симулации?
Симулацијата направена од австралиските научници не е единствената што ја предвидува пропаста на Пацификот.
Во сценарио во кое се формира суперконтинент наречен Новопангеа, Америка се судира со Антарктикот пред да се распадне во Евроазија и Африка. Ова го отсекува Пацификот на поинаков начин, но со слични резултати. Во друго сценарио за суперконтинент, наречено Аурика, и Тихиот и Атлантскиот океан се затвораат засекогаш, а на нивно место се формира нов океански слив.
Без разлика на исходот, едно е сигурно – Земјата и нејзините океани никогаш повеќе нема да бидат исти.



















