Вечерва, 19.10.2020 г. со почеток во 19:00 ч. во големата сала/сутерен во Домот на културата „Кочо Рацин“- Скопје, со отворање на самостојна изложба и промовирање на двојазична книга ќе биде реализиран проектот „Момент во денот“ енсо•хаику дневник од Дијана Петкова.
Преводот на англиски јазик е на Итан Шулајковски. Книгата ќе ја промовира проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, а изложбата ќе ја отвори Виолета Калиќ.
Проектот „Момент во денот“ енсо•хаику дневник – е поетско-ликовен дневник, изработен во прериодот од 1.1-31.12. 2018 г. од поетесата/уметница Дијана Петкова. За секој ден напишано е едно хаику и насликан е еден енсо круг, така што книгата содржи 365 хаику песни напишани на македонски со превод на англиски јазик и 365 енсо-кругови насликани со акрилик на хартија. Инспириран од јапонската култура и традиција доживеана и претставена од уметничко гледиште, ова е прв ваков дневник изработен од македонска поетеса/уметница на овие простори.
„Момент во денот“ енсо•хаику дневникот од Дијана Петкова, е дневник за взаемниот однос на внатрешните состојби на индивидуата во хармонија со природата и нивната нераскинлива врска. Овој поетско-ликовен дневник укажува на волјата на индивидуата да ги надмине сите пријатни и непријатни случувања и доживувања во текот на денот, а на самиот крај од денот да го насочи вниманеието кон себе, во она место на внатрешната тишина каде што ја доживува својата врска со повисокото јас и оттаму да се поврзе со природата и таа врска да ја изрази во хаику тристишја, а сликајќи енсо – круг да го изрази неискажливото и тоа да го прави секојдневно во текот на цела една година, преминувајќи од ден во ден, од месец во месец од едно годишно време во друго, за да го создаде овој дневник. Реализацијата на проектот е поддржана од Министерството за култура, освен преводот на англиски јазик кој го финансираше фирмата „Риббон“ од Скопје.
Дијана Петкова е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи.
Нејзината поезија е објавувана во списанијата „Современост“ „Стожер“ и ТЕА модерна и хрватското списание „Ирис“ а застапена е во антологијата „Отчукување на срцето во македонската поезија“ од Светлана Христова-Јоциќ (2012), во зборникот „Надреалистички гугилипапули“ со поезија и кратки раскази (2016) и во повеќе е-збирки.
Досега ги издала збирките поезија „Стефанија“ (1999), „Деца од свила“- поезија со детски цртежи (2011), „Нова реалност за просторот“ (2013) , „Честичка свесност“ – хаику и хаига (2014), „Мамо што има за јадење?“- хаику готвач за свесни мажи и жени (2016), „Енсо•Поврзување со целоста“ – хаику и хаига (2017) и „Поврзи се…“ – хаиги, со фотографии од убавините на Македонија изработени од Камелија Шојлевска (2018) и „Растајнување на светлината“ – хаинаку, превртено хаинаку и хаинага (2019).
Организирала четириесет и седум самостојни изложби на македонски реномиран академски сликар.
Во креативниот центар „Арс вивенди“, чијшто основач е и каде работи како менторка во студиото за креативно пишување, го буди заспаното знаење кај децата и на тој начин ги освестува да го чуваат креативниот канал секогаш отворен за нови сознанија и истаржувања. Организирала петнаесет завршни изложби и промовирала шест книги: „Слободна вода“, „Тивките сили на духот“, „Мисли молкома“, „24/7“, „Месечино, диши! и „Дремката на облакот“, изработени од деца – членови во овој креативен центар
Изработила четири онлајн изложби на платформата artsteps, учествувала на една групна изложба организирана во КИЦ. „Момент во денот“ енсо•хаику дневник е нејзина прва самостојна изложба.
Живее и работи во Скопје.



















