Металург по пенали го освои Купот на Македонија!

288

Пенали го дадоа победникот во машкиот ракометен Куп на Македонија, затоа што натпреварот меѓу фаворитот Вардар и младиот Металург заврши нерешено (29-29), а поуспешен во ударите од седум метри беше тимот на Металург (32-33) , кој дојде до нов Куп-трофеј во своите витрини.

Вардар и Металург уште еднаш дадоа едно вистинско ракометно дерби, уживање за сите љубители на овој спорт. Фаворитот се одлепи, бегаше резултатски во првиот дел, но во второто полувреме гледавме еден нов Металург кој се врати, а имаше шанса дури и да победи во средбата во регуларниот дел, но Шпенде не погоди. Победникот го даде пенал-рулетот, во кој херој беше Даниел Дупјачанец.

Вардар тргна доминантно во натпреварот, поведе со 5-0 и ја држеше предноста. Горбок, Кисељев, Дибиров и Мораеш беа незапирливи во нападот, а Металург на својот прв гоч чекаше дури пет минути, кога погоди преку крило од Токиќ. Вардар потоа водеше со 6-4, па со 10-6 и 12-10, за до паузата, разигруван од Скубе, да ја задржи високата позитива од четири гола и да има активен резултат во Купот (16-10).

На стартот на вториот дел фаворитот беше изненаден од младиот и полетен Металург, кој премногу брзо се врати во мечот, па од 18-16 за Вардар, следеше серија од 0-4 и предност за тимот од Автокоманда (18-20). Во 45. минута, Вардар намали на еден гол, а потоа, следеше блескава двојна одбрана на Гедбане, па Стоилов погоди за 22-22.

Драмата во Куманово продолжи и во наредниот период, а интересно, траеше и до последните три минути кога Металург ја имаше контролата на играта. Јагуриновски на две минути пред крајот погоди за 27-28, па Дибиров изедначи на 28-28, но Шпенде возврати, па Металург имаше предност од 28-29 на минута пред крајот.

Потоа, Чупиќ од пенал погоди за 29-29, а Металург го имаше последниот напад на мечот за победа, но одбраната на Вардар блокираше, а потоа, Шпенде се обиде да даде брз гол, но не успеа затоа што Гедбане одбрани.

Победникот го дадоа пеналите – Чупиќ прв промаши и шутираше во Дупјачанец, па Серафимов погоди, а потоа, Дупјачанец пак одбрани шут на Дибиров, по што Металург имаше голема предност. Анте Токиќ по две серии донесе 29-31 за Металург, па Карачиќ намали на 30-31. а откако Милосављев фати пенал на Пучник, Поповски изедначи на 31-31, а Шпенде погоди за 31-32, за следен пенал да реализира Скубе, за 32-32. Последниот шут од петтата серија го имаше Танковски, кој погоди за 32-33 и донесе трофеј во Купот на Македонија.

Најдобар стрелец на финалето од Купот беше Шпенде со осум гола, Токиќ додаде шест, а Јагуриновски и Танкоски постигнаа по четири гола, додека кај Вардар, Чупиќ даде седум гола, а Поповски заврши со три.

gol.mk