По двете гостувања во Лигата на нациите, Македонија се врати дома и гледа кон последните два предизвика во јунскиот прозорец.
Првиот од нив е меч против Грузија, прв во овој циклус, а овој натпревар своевидно ќе биде и битка за првата позиција на табелата.
Македонија одигра реми во Разград кај Бугарија (1-1), а потоа победи рутински кај Гибралтар (0-2). Грузијците имаат перфектен старт, дома го добија аутсајдерот Гибралтар (4-0), а потоа во Бугарија демонстрираа моќ и со пет гола го уништија противникот (2-5) поради што предизвикаа потрес затоа што селекторот Јасен Петров си поднесе неотповиклива оставка среде циклусот.
Благоја Милевски ги измеша картите, но и покрај тоа Македонија освои три бода. Одмори неколку стартери со лимитирана минутажа, а истовремено даде и мотив кај младите, затоа што во А-тимот дебитираа десниот бек Тодор Тодороски и стоперот Никола Серафимов. Од составот на Грузија, главна ѕвезда останува младиот Квича Кваратшкелија. 21-годишниот играч од средниот ред во ова издание на Лигата на нациите има два гола и две асистенции.
Токму Грузија буди убави спомени кај „рисовите“, затоа што со голот на Горан Пандев во Тбилиси во 2020 година, Македонија го совлада ривалот во финалето од плеј-офот на ЛН и се пласира на Европското првенство за првпат во историјата. Кога и да играат овие две селекции, головите не се прва опција. Покрај таа минимална победа на Македонија, репрезентациите се судрија двапати во 2020 година во рамки на Лигата на нациите и натпреварите завршија со идентичен резултат – 1-1.