Мажите не можат да им одолеат, но овие четири намирници го зголемуваат ризикот од рак на дебелото црево

300

Правило треба да биде да се консумираат месни производи ретко, засладени сокови само повремено и да се намали внесот на заситени масти.

Се акумулираат докази за поврзаноста помеѓу развојот на сериозни болести како што е ракот и консумирањето преработена храна, пишува NBC News.

Две научни студии објавени во понеделникот ја истакнуваат опасноста од честото консумирање храна како виршли, разни грицки, газирани сокови и помфрит.

Првата студија, која анализира повеќе од 24.000 возрасни лица во Италија, покажала дека оние кои често консумираат ултра-обработена храна во големи количини генерално се изложени на поголем ризик од смрт, особено од кардиоваскуларни болести, во споредба со луѓето кои јаделе помалку таква храна.

Друга студија следела повеќе од 200.000 американски здравствени работници на возраст меѓу 24 и 28 години и открила дека мажите кои јадат многу ултра-обработена храна – во просек повеќе од девет пати на ден – имаат 29 отсто поголем ризик од развој колоректален карцином отколку кај оние мажи кои јаделе само три такви оброци дневно.

Фанг Фанг Џанг, водечкиот автор на втората студија и професор на Универзитетот Тафтс, рече дека луѓето од групата која консумирала најмногу преработена храна, дури добивале околу 80 отсто од дневните калории од таквата храна. Во САД, просекот е 57 проценти.

Студијата не открила врска помеѓу јадењето ултра-обработена храна и колоректалниот карцином кај жените, иако научниците не се сигурни зошто. Според една теорија, повисоките нивоа на естроген кај жените може да обезбедат одредена заштита, рече д-р Џанг. Но, резултатите може да бидат и аномалија имајќи предвид дека повеќето фактори на ризик се исти за двата пола.

Претходните студии ја поврзувале ултра-обработената храна со зголемен ризик од висок холестерол, дијабетес, дебелина, пад на когнитивните способности, рак на дојка и рак воопшто.

Храната која се смета за ултра-обработена содржи повеќе вештачки состојки од оние кои се обработуваат само со додавање сол, шеќер или масло. Ултра-обработената храна обично има многу малку цели состојки и содржи вештачки вкусови, бои или други адитиви. Погодна храна само за микробранова печка, пакувани крофни и сладолед, на пример, спаѓаат во оваа категорија.

„Ова е еден вид обид да се дефинира т.н „нездрава храна“ што сите ја препознаваме кога ќе ја видиме“, вели Волтер Вилет, професор по епидемиологија и исхрана во T.H Chan School of Public Health на Харвард, кој не бил вклучен во ниту една од студиите.

Со оглед на тоа што дебелото црево и ректумот се делови од нашиот дигестивен тракт „први на удар на исхраната“, Вилет вели дека колоректалниот карцином се чини дека е подиректно поврзан со исхраната отколку другите форми на рак.

Сè повеќе случаи на рак

Стапките на колоректален карцином се зголемиле во последните децении кај помладите возрасни лица. Студијата на Американското здружение за рак покажа дека стапките на рак на дебелото црево кај луѓето на возраст од 10 до 39 години се зголемуваат секоја година од 1980-тите, а процентот на ректален карцином кај луѓето под 55 години се удвоил од 1990 до 2013 година.

„Исхраната веројатно игра улога во зголемувањето на дебелината на која и понатаму сме сведоци, а знаеме дека дебелината е поврзана со колоректален карцином и други видови на рак“, рече Керолин Ум, главен научник на Американското здружение за рак. „Гледаме се повеќе млади дебели луѓе кои страдаат од различни состојби поврзани со дебелината, како што се дијабетес и метаболички синдром“.

Меѓутоа, една нова студија исто така покажа дека ултра-обработената храна е поврзана со колоректален карцином кај мажите, независно од нивниот индекс на телесна маса.

Затоа, научниците сугерираат дека хемиските адитиви во храната или синтетичките хемикалии во пакувањето се барем делумно одговорни за овој тренд. Многу месни производи содржат нитрати и нитрити, конзерванси кои го зголемуваат ризикот од рак.

„Црвеното и преработеното месо го зголемува ризикот од развој на колоректален карцином“, вели д-р Џанг.

Нејзината студија покажа дека преработените месни производи како виршли, салама и колбаси, како и вештачки засладените пијалоци, се значително поврзани со ризикот од развој на колоректален карцином кај мажите.

Слично на тоа, една италијанска студија покажа дека лошиот квалитет на исхрана – дефиниран како нездрава рамнотежа на шеќер, влакна и масти – сам не ја објаснува врската помеѓу ултра-обработената храна и повисоката смртност. Затоа авторката на студијата, Маријалаура Боначио, рече дека адитивите веројатно придонесуваат за негативни здравствени исходи.

„Дететската кола може да се оцени како нутритивно добра бидејќи не содржи шеќер, но колата не е ни храна. Тоа е само комбинација од хемикалии“, рече таа.

Во својата студија, Боначо предлага етикетирање на храната според степенот на обработка, заедно со информации за хранливата вредност, за да им се олесни на луѓето да изберат поздрава храна. Но, други експерти веруваат дека оваа промена нема многу да влијае на најзагрозената популација.

„Правилата за означување на храната функционираат за луѓе со високо образование и повисоки примања, бидејќи тие посветуваат поголемо внимание на декларациите и знаат како да ги читаат“, вели д-р Џанг.

Но, декларациите се помалку ефективни за лицата со понизок степен на образование и помали примања, бидејќи тие почесто купуваат поевтина храна која брзо се подготвува и може подолго да остане на полица.

Општото правило треба да биде, вели Вилет, месните производи да се консумираат ретко, засладените сокови само повремено и да се намали внесот на заситените масти.

Сепак, некои ултра-обработени намирници се поздрави од другите. Житариците и лебот од цели зрна, на пример, можат да бидат добри извори на диетални влакна и може да го намалат ризикот од рак и срцевни заболувања.

Научниците сè уште не го утврдиле точното ниво на ултра-обработена храна што претставува ризик по здравјето.

„Всушност, не знаеме дали постои безбедна количина или е штетна баш секоја, дури и најмала количина на ултра-обработена храна“, вели д-р Ум.