Моите мали девојчиња одлучиле да ми направат торта. Вистинска. Со шлаг одозгора. Откриле лесен рецепт на нет и ми ја добив за роденден. Ставиле и свеќички. Заштедиле од ужинката. Тој ден не јаделе во училиште за да имам црвен број 40 на тортата. Синот ги поправил фиоките кои се разлабавиле. Тогаш плачев, и тие плачеа. Заедно јадевме од тортата, а потоа со кучето на прошетка. Јас ги частев ќебапи.
Од нив добивам саксии со засадени цвеќиња, грашок со шеќер, домашен печен леб (се сеќавам дека изгледаше како нешто дрвено), сменети светилки, поправени рачки на вратите, средена тераса со отворено пиво кое ме чекаше на маса. Ми пуштаат омилени песни кога влегувам дома.
Ми пишуваат песни, цртаат ремек-дела на кои пишува дека тоа е токму за мене и дека јас сум најдобрата на светот. Купишта подароци изработени од платно, стапчиња од сладолед, лакови за нокти и тестенини. Ја исцртале мојата бела, досадна памучна ноќница со маркери, за да биде шарена за спиење, во неа поубаво да сонувам. Некој пат знаат кадата и мијалникот да ги исчистат, да ги измијат и испружат алишатата. Ја менуваат сами својата постелнина, а мене мојата омилена портокалова. Ми изработиле обетки од цреши кои самите ги собрале, ме тешат кога има премногу тешки денови.
Не грижи се мамо, сè ќе биде во ред, еве ние ја средивме куќата, знаеме дека, тоа те радува.
Одат во набавка, го бањаат кучето и го носат на ветеринар. Им помогаат на другугарите во училиште.
Ми го мачкаат грбот кога ќе се вкочанам и лежат покрај мене во вечерните часови пред телевизор сè додека не заспијам. Ми прават чај кога сум болна, и палачинки за да оздравам што е можно поскоро. Илјадници утрински кафиња ме чекаат на балкон. Ми носат мачки, кученца, ежиња и врана да ги спасиме заедно. Ми оставаат најсмешни пораки на фрижидер, ја разбрале мојата одлука да не живееме со нивниот татко, ја разбрале мојата нова љубов, ги прифатиле сите промени и се адаптирале без прашање.
Тие секогаш се мојата сила, движечка сила и инспирација. Мојот тим.
Нивните големи дела, ги прават нив тројцата најголеми личности во мојот живот. Од мене не проговара пристрасност, туку гордост на она што во својот дом направив расадник на квалитетни луѓе кои ќе се снајдат во животот каде и да се најдат.
Ниту една петка по математика, физика и хемија, тоа не може да го заменет.


















