Сè се знаеше за ред и ние растејќи го прифаќавме како цврсто поставена граница која не смее да се премине. Не ти се допаѓа боранија за ручек? Ќе ја јадеш за вечера. Не ја сакаш за вечера? Истото те чека и за појадок. Потоа сфаќаш колку е одвратно, и ја јадеш за ручек кога ти ја служат.
Што има слатко? Има – јаболки. Нешто послатко? Има – нарендај јаболки со шеќер, јади шеќер, не знам … има уште пет дена до пензијата, тогаш ќе има сладолед.
Наградите за одличен успех во училиште и општо добро однесување беа многу скромни и ние бескрајно им се радувавме. За одличен успех од родителите добивав нешто посебно. Се сеќавам на првиот вокмен. И учев и дење и ноќе за вокменот, пишував трудови, ги поправав оценките само во од да ги слушам Блонди и Депеш Мод во зелени старки кој ги добив минатата година за одличен успех.
Старките беа најдоброто нешто кое, во тоа време, можеше некој да ги поседува. Но само ако некој ти ги донесе од Америка, во спротивно ќе добиеш некои патики со лепенка од продавниците на Борово и вози, сѐ додека не се уништат.
Не можам да разберам што се промени во меѓувреме, во врска со воспитувањето на децата и системот за наградување. Децата денес имаат толку многу, и на ништо особено не се радуваат. Мрзливоста и ароганцијата се третираат како “па таков е што ќе сум му.” Што се случило со игрите ледена кралица, криенка, ластик, царе, царе господаре? Интернетот се случи.
Парковите и градините ги заменија социјалните мрежи. Преку ноќ. Подмолно. Ние го прифативме тоа. Го поздравивме. Му се придруживме на тој вид на дружење за кое е потребен само компјутер и електрична енергија. Децата се дружат онлајн. Внатре.
Како родител, го следев старинскиот рецепт на моите родители како децата да не ти го изедат мозокот или како да останеш нормален, авторитетен и да имаш неограничена слобода на движење.
Како да стана тренд, границите да не постојат или родителите да не знаат како да ги воспостават и одржат стабилни. Во суштина, се промени тоа што децата се третираат како да се од морска пена. Понекогаш ќе застанам и ќе ги набљудувам младите родители во парковите. И жал ми е. Гледам, лути се, не можат да го совладаат роденото дете од четири години. Трчаат по него со сад по паркот и го хранат во од, бидејќи “тој само така сака да јаде”. Трчаат по него за да го спречат доколку падне. Остави го да падне, како ќе ја развие моториката на своите раце и нозе, ако не знае дека постои и таква можност … да падне.
Продолжува на страна 3


















