Маџунот | Вкусот на Тиквешијата

3017

Странците го обожуваат традиционалниот тиквешки производ од грозје, маџунот.

Го сакаат  како во тегла за јадење, или во шише,  така  и на слика, за да можат да уживаат во магијата на начинот на неговото приготвување.

Жално е што години наназад македонските граѓани па дури и тиквешани подзаборавија на вредноста на оваа божествена течност и на прсти се броеја оние кои ја имаа меѓу зимницата во домашните визби. Радува фактот што во последно време се повеќе расте интересот за здравата храна,  а полека но сигурно маџунот повторно го зазема главното место на трпезата како некогаш.

Со овие зборови не пречека неодамна  59 годишната  Лилјана Паризова од Кавадарци  во нејзиното родно село Дреново, кавадаречко.  Отидовме таму  да ја фотографираме како приготвува маџун и да поразговараме со неа околу мајсторијата која е потребна за од квалитетно црно грозје од сортата „вранец”,  да се добие темнокафеава течност за која се верува дека има лековити својства. Веќе беше завршил уште еден гроздобер во Тиквешко, а воздухот мирисаше на маџун во најголемиот лозарски регион во Македонија. Беше тоа прекрасна селска идила, а златната есен можевме да ја доживееме и почувствуваме со сите сетила.

– Маџунот се добива со изварување на гроздовиот сок, односно ширата, исцеден од претходно измеленото грозје. Во моето семејство отсекогаш се произведувал  од најзастапената црна сорта на грозје. Тајните за тоа како тој да има врвен квалитет, ги научив од мојата мајка од која го печев занаетот. Уште како дете ме учеа дека е здраво да го јадам, па тој беше постојано присутен во нашата исхрана. Низ годините постојано слушав за неговите лековити својства и верувањата дека може да делува превентивно кога е здравјето во прашање, но и да помага при лекување на многу болести, започна да ни раскажува жената која е архитектонски техничар по професија,  но компанијата во која работела заминала во стечај.

Ништо не е тешко, кога се работи со љубов

Продолжува на страна 2