Квалитетен живот | Направи нешто убаво за себе и твоите наблиски

60

Сврти се околу себе.

Дали би сакала сега некој да влезе во твојата куќа за прв пат и да ја најде состојбата каква што е сега? Дали би можела да кажеш дека тоа е најдоброто што можеш и она во што најпријатно се чувствуваш?

Сврти се околу себе. Собери ги алиштата кои со денови се протегаат низ целата куќа, измиј ги садовите од ручекот и кажи му на сопругот и децата да одат да го фрлат ѓубрето, а попат и да ги соберат теглите и шишињата кои останале од зимницата и се трупаат на терасата, кои никој повеќе нема да ги користи.

Сврти се околу себе. Здипји ги алиштата во шкафот, исфрли од него сѐ што не ти се допаѓа и не го носиш, задржи три работи, но тие три да бидат убави и добро да ти стојат.

Фрли ги оние 1000 полупразни шишиња на различни нешта од бањата, па купи миризлив гел за туширање и квалитетно млеко за тело, за да ти биде милина кога ќе се избањаш.

И фрли ги сите пешкири кои се намалиле со текот на времето, станале груби и неуредни, и извлечи ги оние кои ги чуваш за специјални пригоди, само што никако да ги употребиш.

И не чувај ништо за гости. Зошто да угодиш некому отколку себеси и на своите најблиски.

Фрли ги сите распар чаши и чинии и прибор за јадење кои не ги сакаш, а кои си ги добила како свадбен подарок и го користиш со години. И онаа тефлонска тава која одамна се излупила.

Погледни се во огледало. Дали така, каква што си сега пред своите домашни, би излегла на улица, би ја дочекала сосетката или би заминала на работа? Дали изгледаш онака како би сакала децата да те запомнат? Децата ќе те запомнат таква каква што те гледаат по дома, не кога ќе се дотераш и подготвиш за работа. За сопругот и да не зборувам. И, на крајот на краиштата, дали си се замислувала така кога си била млада?

И кога сето тоа убаво ќе го средиш, запали миризливи свеќи, не мора да се некои скапи, има кај Кинезите за 100 денари, а атмосферата е иста, а со нив, а со оние од 2000 денари.

Потоа свари си кафе, сипи го во најубавите шолји што ги имаш, погледни околу себе и почувствувај ја разликата.

Квалитетот на животот не е квантитет на она што го имаме и не е секогаш прашање на пари. Повеќе е прашање на волја и умеење да се искористи најдоброто од она што веќе го поседуваме.

Ова не е приказна за тоа што се не можеме и немаме. Не можеме да направиме многу и многу нешта немаме. Но, тоа не е изговор да не направиме она што можеме. Зошто да си го ускратиме квалитетот на животот?

Па, еден е.