Корона криза | Дали ќе останеме без бакнежот?

175

„Забрането бакнување” беше песна од Ди Принцен во 1992. За сите кои не живеат заедно сега важи истото правило. Бакнежи не се можни поради мерките за дистанцирање. Некаде дури и политиката има што да каже на темата.

Кога наоколу се шири страв од зараза, и бакнежот доживува рецесија. Од бакнеж во воздух за поздрав до страствен француски бакнеж – во време на социјална дистанца и заштитни маски не можете ни да помислите на бакнеж, барем не ако не живеете заедно.

Притоа многумина можеби дури сега забележуваат колку им недостига таквата форма на блискост. Други пак на драго срце може да се откажат од бакнежите. А на трети дури сега им е јасно дека бакнежот и не е баш најхигиенски. Дали некогаш повторно ќе може да бакнуваме без задршки некого кого не го познаваме баш најдобро? И дали воопшто некогаш повторно ќе се поздравуваме со бакнеж во образ? Кратко речено, дали бакнежот има проблеми со нарушен имиџ?

Во Италија, земјата на ‘бачи’ уште на почетокот на март годинава наушниот советнички штаб на владата им препорача на граѓаните заради ширењето на вирусот да се откажат од традиционалните бакнежи. Откако мерките повторно беа ублажени, а луѓето може да излегуваат и да среќаваат роднини, повторно се гледаат и двојки кои се бакнуваат. Тоа Австријците сакаат да го спречат: пред отворањето на гастрономските објекти министерот за здравство Руди Аншобер во интервју појасни дека бакнувањето во јавност е против актуелните правила.

Љубов во време на коронавирус

Дали може да има конкретни препораки за бакнежи и во Германија?

Институтот „Роберт Кох“ посочува на правилото од минимум 1,5 метри растојание од други луѓе и во одредени ситуации носење маски. „Се препорачува да нема ни поздравување”, се вели на наше прашање. За бакнежи не станува ни збор.

Хајке Мелцер, невролог и сексуален терапевт во Минхен, вели дека тоа е шанса за нови ритуали на поздравување. Бакнеж, прегратка, поклонување, сѐ тоа биле културолошки ритуали како форма за стапување во контакт и на човекот да му се сигнализира „те гледам, те ценам, со добар ниет сум”.

Прегратки и бакнежи, вообичаено, ако се изземе пандемијата, не се хигиенски проблем, туку напротив – тие би можеле да придонесат за јакнење на имунитетот, вели Мелцер.

Па сепак, во други култури поздравувањето функционира без допири и на тоа можело да се навикнат и луѓето во Германија, смета таа.

„Ако се договориме за нови ритуали во нашиот културолошки круг и може да го прочитаме човекот, тогаш поклонување, како што е нормално во пределот на Азија, може да биде исто што и бакнувањето делумно непознати луѓе.“

Тоа, патем, за некои култури било многу чудно и надвор од нивните навики. Тотално нерасположени за бакнежи на почетокот на 1990-те беа и членовите на групата Ди Принцен од Лајпциг. Тие со песната „Забрането бакнување” лансираа хит. „Има едно нешто што не можам да го поднесам, кога твоите влажни усни се доближуваат преблиску до моите”, пееја Себастијан Крумбигел и колегите.

Ракување, двоен бакнеж во образ, прегратка … Дали се опасни во време на коронавирусот?

При бакнувањето не се отвора само устата, туку и душата

„Забрането бакнување, строго забрането”. За многу Австријци тоа повторно може да биде хит. Откако министерот се изјасни за правилата за бакнување, на Твитер и другите мрежи популарен е хаштагот #забранетобакнување. Двојки кои живеат заедно немаат проблем за држење растојание и бакнување. Поинаку е за другите кои можеби сега запознаваат некого, или имаат врска на далечина. Дали психата ќе страда од недостигот на милување?

„При бакнувањето не се отвора само устата, туку и срцето и душата”, вели Мелцер. За многу луѓе бакнеж е поинтимен и од сексуални односи. „Со главата гледаме, слушаме, мирисаме и вкусуваме и брзо откриваме кој е за нас, а кој не”. Тоа е причина зошто двојки кои долго се заедно и имаат хронични проблеми прво престануваат да се бакнуваат. „Ако не го поднесувам партнерот и бакнувањето ми е сѐ потешко”. Но, според Мелцер, не може да се каже дека имиџот на бакнежот е нарушен.

„Секогаш ќе има бакнежи, но ќе ги користиме посвесно”. А, тоа што е ретко, повеќе се цени. Намалувањето и тука би можело да биде драгоцено. „Ако досега сте бакнувале често и многу, а сега со пандемијата со месеци веќе не, првиот бакнеж ќе биде врвно уживање.

dw.com