Скршеното срце не е само емоционална состојба – новото истражување ја поврзува со сериозни срцеви компликации и повисок морталитет, особено кај мажите.
Иако „скршеното срце“ често се доживува метафорично, новите научни откритија потврдуваат дека може да има сериозни физички последици.
Студија на Универзитетот во Аризона, објавена во Journal of the American Heart Association, анализирала 199.890 случаи на takotsubo cardiomyopathy (TC) во САД од 2016 до 2020 година, откривајќи загрижувачки модели на инциденца и морталитет. TC се објаснува како состојба на слабеење на срцето предизвикано од физички или емоционален стрес.
Повисока стапка на смртност кај мажите и покрај помалата инциденца
Иако жените почесто биле дијагностицирани со TC, мажите имале значително повисока стапка на смртност, дури 11,2 проценти во споредба со 5,5 проценти кај жените. Вкупната стапка на смртност кај двата пола била 6,5 проценти.
„Бевме изненадени кога откривме дека стапката на смртност од такоцубо кардиомиопатија е релативно висока без значајни промени во текот на петгодишниот период, а стапката на болнички компликации е исто така зголемена“, вели д-р M. Reza Movahed, интервентен кардиолог на Универзитетот во Аризона и еден од авторите на претходно споменатата студија.
Научниците сугерираат дека разликите произлегуваат од хормонални фактори и видови стрес. TC често е предизвикана од ненадејно зголемување на хормоните на стрес и може да биде резултат на физички настани (хирургија, инфекција) или емоционална траума (тага, развод). Физичкиот стрес почесто ги погодува мажите, што може да ја објасни нивната повисока стапка на смртност, истакнуваат авторите на студијата.
Најчестите компликации
TC често се меша со срцев удар поради слични симптоми како што е болка во градите. Пријавените компликации вклучуваат срцева слабост (35,9%), атријална фибрилација (20,7%), кардиогенски шок (6,6%), мозочен удар (5,3%) и срцев застој (3,4%).
Некои компликации, како што е емболичен мозочен удар, може да се спречат со рана примена на антикоагулантни лекови кај пациенти со значително ослабен срцев мускул или со неправилен срцев ритам наречен атријална фибрилација, што го зголемува ризикот од мозочен удар. Постојано високата стапка на смртност е алармантна, што укажува на потребата од дополнителни истражувања за развој на подобар третман и пронаоѓање нови терапевтски пристапи кон оваа состојба, објаснува Movahed на крајот.
Извор: Science Alert



















