Сè поекстремните временски услови влијаат врз способноста на растението да преживее.
Бананите се сè повеќе под закана од климатските промени, а производителите тврдат дека екстремните временски услови ги „убиваат“ нивните плантажи, се вели во извештај.
Анализата на меѓународната добротворна организација за развој „Christian Aid“, покажува дека растечките температури и штетниците поврзани со климата ги ставаат бананите во опасност.
Утврдено е дека речиси две третини од најсоодветните области за одгледување банани во Латинска Америка и Карибите – регион одговорен за околу 80 проценти од светскиот извоз на банани – би можеле да бидат изгубени до 2080 година поради климатските промени.
Бананите растат во температурен опсег помеѓу 15°C и 35°C, но тие се исто така многу чувствителни на недостаток на вода, што значи дека сè поекстремните временски услови влијаат на способноста на растението да преживее.
Болестите како што е fusarium tropicala 4, исто така, се појавија како растечка закана во последниве години, предизвикувајќи губење на цели фарми низ Латинска Америка.
„Christian Aid“ ги цитираше земјоделците од регионот кои рекоа дека нивните фарми „умираат“, што пак влијае на нивните приходи.
Во светлината на наодите, „Christian Aid“ ги повикува развиените земји итно да ги намалат емисиите на јаглерод за да ги запрат растечките влијанија од климатските промени.
Исто така, се повикува на меѓународно финансирање за климатските промени за да се поддржат одгледувачите на банани и земјоделските заедници во прилагодувањето кон климатските промени.



















