Историски Момент | “Директно Набљудување на Судир на Две Големи Планети” | Видео

743

Два колосални ледени џинови се судриле во далечен ѕвезден систем, а астрономите за прв пат директно биле сведоци на ваква космичка драма.

Во огромното пространство на вселената, на околу 1.800 светлосни години од Сончевиот систем, настан што астрономите ретко имаат можност да го набљудуваат неодамна се случил.

Две колосални планети во далечен ѕвезден систем се судриле, распаѓајќи се и создавајќи сјаен остаток во облик на крофна со дупка во неа. Ова е прво директно научно набљудување на планетарен судир и на непосредните последици од тој судир.

Како сето тоа започна?

Во 2021 година, астрономите забележале невиден настан во кој била вклучена ѕвездата слична на Сонцето наречена ASASSN-21qj. Таа ѕвезда доживеала неверојатно затемнување, поради што нејзината осветленост паднала за неверојатни 95 проценти. Поблискиот поглед, сепак, открил изненадувачки пресврт – три години пред затемнувањето, ѕвездата претрпела значително зголемување на светлината.

Метју Кенворти, научник од Универзитетот во Лајден во Холандија и неговиот тим навлегле во мистеријата на чудното однесување на ѕвездата ASASSN-21qj. Нивното истражување, објавено во списанието Nature, довело до зачудувачки заклучок – колосален судир меѓу две масивни ледени егзопланети. Тој судир резултирал со хипнотизирачки спектакл, создавајќи прстенест диск од блескава прашина и гас што сега ја крие ѕвездата од погледот.

Поминавме низ цела низа можни идеи. Оној што се чини дека одговара на сите податоци што ги имаме е судир меѓу два ледени џина. Ова е прв пат да го видиме тоа, објаснува Кенворти.

Резултат од судирот

Двете планети кои се судриле биле навистина масивни и слични по големина на Нептун. Тие ја обиколиле својата матична ѕвезда на растојание слично на орбитата на Јупитер околу нашето Сонце, а судирот ги претворил во стопени остатоци, формирајќи масивна топка од пареа од силициумдиоксид, околу седум пати поголема од нашето Сонце.

Од блиску, тоа сигурно била впечатливаглетка, со цврстите јадра на планетите кои исфрлаат камења и остатоци во вселената. Во центарот на тој вител имало блескав остаток, кој постепено се формирал во прстен околу ѕвездата. Овој прстен може да се пофали со висока температура од приближно 700 степени Целзиусови, што сугерира дека планетите биле богати со водена пареа, слично на ледените планети како Нептун и Уран. Овие остатоци на крајот би можеле да се кондензираат во нова планета, веројатно со повеќе сателити околу неа, во следните неколку илјади години.

Сепак, околностите не се толку јасни

Точните околности кои довеле до овој монументален судир на планети засега остануваат непознати. Една од можностите е дека орбитите на планетите биле нарушени од минлива ѕвезда или некое друго небесно тело, што довело до нивна катастрофална средба. Нивниот судир ослободил огромен излив на енергија, што е еквивалентно на мала ѕвезда која гори две години.

Иако мистеријата околу космичкиот судир останува, Кенворти и неговите колеги предвидуваат дека понатамошните набљудувања, веројатно со напредниот вселенски телескоп Џејмс Веб, би можеле да ги обезбедат дефинитивните докази потребни за да се потврди хипотезата за планетарен судир.

Моето предвидување е дека за пет до 10 години ќе почнеме да гледаме дополнителна светлина од системот што се рефлектира од облакот од прашина. Во спротивно, тоа значи дека нешто друго се случува, заклучува Кенворти.