Интервју со основачот на групата … ДВОРЧЕТО … , Александар Василевски !

6878

Пред 15 месеци на фејзбук е создадена групата … ДВОРЧЕТО … , група во која се објавуваат дворчиња, цвеќиња, украси, и сѐ што е убаво.

Групата има преку 60.000 членови и секојдневно се објавуваат од 200 до 250 објави од членовите во неа.

Ова е прво интервју за групата и ќе му поставиме неколку прашања на основачот Александар Василевски, кој е од Демир Хисар, за да имаме уште појасна слика кои се приоритетите на оваа група !

Како дојдовте на идеја? Зошто баш ваква група? Која е нејзината цел?

Голем поздрав од мене до вашите читатели и до вашиот сајт кукурику.мк кој е еден од најреалните сајтови во Македонија !

Инаку идејата за … ДВОРЧЕТО … дојде спонтано во Мај 2019, од моето скромно дворче, по кое и му го дадов името на групата, и тоа скептично бидејќи не знаев како ќе биде прифатена. Ја отворив пред полноќ плашејќи се ако не биде се ок, веднаш да ја избришам. На мое големо изненадување веднаш почнаа да надоаѓаат членови и за еден месец веќе бевме преку 3.000 членови. Имаше многу објави, многу позитивни коментари и енормно многу лајкови за толку малку членови. За 7 месеци веќе во Декември 2019 година бевме и преку 10.000 членови, што е бројка за респект за толку кратко време. Наредните неколку месеци намали интензитет што е и нормално за зимскиот период, а веќе кон крајот на Април 2020 почна нагло да се зголемува членството кое сега веќе брои над 60.000 членови.

Целта на оваа група е да зближува што повеќе со објавите од сѐ што е убаво. Има многу размени на искуства, си помагаат членовите меѓу себе за одгледувањето и одржувањето на цвеќињата, два пати неделно одредени членови си рекламираат украси кои ги нудат за продавање, имаме пријатели кои даваат поклони кога има некој повод групата, и уште многу позитивности кои произлегуваат секојдневно !

Како ја одржувате, и дали имате помош од некој?

Па ја одржувам сам, со тоа што негативното веднаш го отстранувам и не дозволувам да завземе замав. Помош имам од повеќе членови кои помагаат на разно разни начини групата да напредува сѐ повеќе и повеќе. Тука би ги спомнал Гарден Клуб – Градини кои прават секоја недела посебен прилог за … ДВОРЧЕТО … кој се емитува во нејзината емисија на Телевизија Телма во Недела во 11.00 часот. Има и расадници и други Гарден Центри кои даваат награди за поводи во групата како што се 50.000 член, 55.000, 57.000 и слично. Со еден збор сите кои на било кој начин сакаат да пимогнат, наоѓаме заедно начин тоа и да го овозможиме. Наградни игри не организираме бидејќи сакаме да си го зачуваме мирот кој го имаме, а со наградените игри тој мир ќе се изгуби во барање одредени постапки од членовите за да се успее да се добие награда !

Има ли некој проблеми, недоразбирања во групата?

Како и секаде, така и во оваа група има членови кои сакаат да биде сѐ кристално чисто и да ко што се вели течи сѐ ко мед и млеко. Тоа е невозможно бидејќи секоја единка различно размислува и затоа гледам да изнајдеме златна средина од која сите ќе бидат задоволни. Со оглед на тоа што групава екстремно напредува таа средина е најдена и сѐ движиме сите заедно кон уште поголеми напредувања.

И за крај кои се предвидувањата за во иднина на … ДВОРЧЕТО … ?

Со оглед дека сме преку 60.000 членови, цифра која реално требаше да ја имаме околку 2025 година, предвидувањата се да ова што го создадовме сите за овие 15 месеци, го продолжиме и во наредниов период кој следи со приоритетна цел да стигнеме и до 100.000 членови, за кој лично мислам дека е скоро максимум што може да биде за ваков вид на група кај нас. Со сестрана помош од членовите, од пријателите кои ја поддржуваат групата, од вас кои не промовирате онаму каде што можете, и од сите добронамерници, сите заедно ќе ја продолжиме оваа … ДВОРЧИЈАДА … што се случува, и што ги окупира сите да си создаваат што поубави и поубави дворчиња во кои ќе им биде исполнета до максимум нивната … ДУША …

Александар искрено ви се заблагодарувам на ова ваше интервју за сајтот кукурику.мк и вас ви посакувам уште многу успеси со групата … ДВОРЧЕТО … , а на нашите читатели им препорачувам да ја посетат Фејзбук групата и ако им се допадне, а сигурно на повеќето и ќе им се допадне, да станат нејзини членови и да уживаат во сите убавини кои се објавуваат во … ДВОРЧЕТО