Научниците откриле интересна врска помеѓу една карактеристика на човекот и здравјето на срцето

1624

Одредени особини на личноста влијаат на здравјето на срцето?

Анксиозноста и раздразливоста се поврзани со раните знаци на стареење на срцето, покажа едно британско истражување.

За да ја истражат поврзаноста помеѓу менталното здравје и работата на срцето, тим од научници од Queen Mary University во Лондон ги испитувале снимките од срцата на 36.309 пациенти, кои пополниле прашалник за нивните „невротични особини на личноста“, како што е нестабилното расположение, анксиозност, раздразливост и очај.

Истражувачите ја поврзале „поголемата склоност на поединците кон невротични особини“ со послаба вентрикуларна функција, поголема миокардна фиброза и поголемо стврднување на артериите.

Асоцијацијата е откриена независно од традиционалните фактори на ризик за проблеми со срцето, како што се пушењето и дебелината, и беше поприсутна кај мажите.

Знаеме дека постои врска помеѓу менталното здравје и потенцијалниот развој на кардиоваскуларни болести. Нашата студија покажа дека штетните промени на срцето се забележани кај луѓе со невротични особини на личноста, како што се анксиозност, депресија и прекумерна грижа, рече Steffen Petersen, професор по кардиоваскуларна медицина на Queen Mary University.

Дури и кога се земаат предвид факторите на животниот стил како што се пушењето, телесната тежина и возраста, невротичните особини се чини дека се поврзани со знаци на стареење на срцето.

Професорот Petersen рече дека неговиот тим сега ќе се обиде да открие како овие особини на личноста влијаат на работата на срцето и на ризикот од развој на срцеви заболувања на долг рок.