Ѝ го убил сопругот, а неа ја полил со киселина

586

Актара е Авганистанка, вдовица, мајка не четири деца. Живее во Кабул, главниот град на Авганистан. Пред неколку години човекот кој го убил нејзиниот сопруг, на нејзиното лице фрлил киселина, бидејќи одбила да се омажи за него. Лицето и било тешко повредено, и го изгубила едното око.

Сепак, Актара решила да го крене велот на својата бурка и да го открие своето лице пред репортерите на Радио Слободна Европа и програмата Слободен Авганистан. Таа зборувала за бруталниот напад, болката и тешкотиите во кои живее со своите деца.

Актара и нејзината 6-годишна ќерка Гул Пари просат за пари во близина на палатата Даруламан, близу до Кабул. Актара не е во состојба да пронајде работа и да ги одгледува децата, откако преживеала напад со киселина.

Во ладниот, незагреан дом, всушност една изнајмена соба, Актара го открива лицето уништено со лузни. На само 10 години ја омажиле за постар Авганистанец, кој пред неколку години бил убиен од љубоморниот внук по име Аманулах.

“По убиството на мојот сопруг, бев во големи емоционални болки, не можев ни да зборувам. Кратко по убиството, Аманулах дојде и ме праша дали сакам да останам вдовица до смрт или да се омажам за него. Ми вети дека ќе ми даде пари и дека ќе се грижи за мене”, раскажала Актара. Не ја прифатила брачната понуда, а Аманулах побегнал во Пакистан.

“Почувствував ужасна болка и се онесвестив”

“Три години по убиството, слушнав тропање на вратата. Прашав кој е. Машки глас одговори…јас сум, Аманулах. Во срцето си помислив дека дојде да се извини за тоа што го направи. Отворив врата, а тој веднаш, без збор, фрли киселина во моето лице. Почувствував ужасна болка и се онесвестив”, раскажала несреќната Актара, која нема ни 30 години.

Своите 4 деца: 12-годишниот Абдула, 10-годишниот Сајфула, 8-годишната Гил Санам и 6-годишната Гул Пари, ги храни само со леб и чај. Гладот во нивниот дом е секојдневие.

“Не го паметиме ни вкусот на овошјето. За време на празниците, како што е Бајрам, кога другите семејства подготвуваат вкусна храна, моите деца ме прашуваат зошто и ние немаме нешто убаво и вкусно. До нас допира мирисот на месото од куќите на соседите, па децата ме прашуваат зошто и ние немаме месо. Не можам да им одговорам, да им објаснам,”, раскажува Актара.

Најголема желба и’ е да им овозможи на синовите и ќерките образование, за нивната иднина да биде убава и среќна, а се надева дека еден ден ќе може да ги санира ужасните лузни и да ја омекне душевната болка. Но, тоа го може само со помош на државата или некои хумани личност, а до тогаш ќе живее во болка и патење, во кои ја втурнале љубомората и злобата на еден човек.