Погледнете како изгледала девојката која почнала да пишува дневник пред осум децении, кој ќе стане симбол на страдањата на сите Евреи.
Анелис Мари Франк, попозната како Ана, имала 13 години кога за роденден, на 12 јуни 1942 година, добила тефтер за автограми. Таа проценила дека е попаметно да го искористи како дневник, па така пополнила уште два тефтера, не знаејќи дека нејзините мисли ќе станат најточен опис на криењето на Евреите од нацистичкиот хорор.
Таа пишувала за промените што се случиле откако Германија ја окупирала Холандија, но и за ограничувањата и жалоста за нејзината баба која починала порано во таа 1942 година. На 6 јули истата година, Ана заминала со своето семејство во тајното засолниште не знаејќи дека ќе остане таму цели две години, до трагичниот крај.
Таа сакала да стане актерка, но поради нејзината неможност да гледа филмови додека се криела во административната зграда на нејзиниот татко, решила своите амбиции да ги пренесе на новинарството.

– Дали некогаш ќе можам да напишам нешто големо? Дали некогаш ќе станам новинар или писател – се прашувала Ана на 5 април 1944 година.
Дневникот го пишувала до 1 август истата година. Во вторникот, на 4 август 1944 година, Зелената полиција упаднала во тајното скривалиште на Франкови, по анонимна пријава. Сите биле однесени во логор. Мајката на Ана починала од глад, а нејзината сестра од тифус.
Ана Франк имала само 16 години кога починала во концентрациониот логор Берген-Белсен – од тифус, во март 1945 година, само неколку недели пред нејзиното ослободување. Датумот на смртта никогаш не бил утврден со сигурност, но се проценува дека е 16 март.
Нејзиниот татко Ото бил единствениот преживеан во Аушвиц и успеал да го најде дневникот на неговата ќерка, кој го објавил во 1947 година. Оттогаш дневникот станал лектира за децата ширум светот и е продаден во повеќе од 30 милиони примероци и преведен на 67 јазици.
Ова видео е единствената постоечка снимка на Ана Франк, а снимена е додека ја гледала свадбата на соседите на 22 јули 1941 година:



















