Древната гробница во Амфиполис не е изградена, туку е природен рид

1217

Геолог, кој учествувал во ископувањата на древната гробница во Амфиполис во северна Грција, тврди дека гробницата и отворените заедно со неа засводени простории не се изградени истовремено и дека просториите се постари, пренесоа американските медиуми.

Геологот Евангелос Камбуроглу изјави вчера дека гробницата, во која се наоѓаат гробовите и просториите, не се човечко дело како што претпоставуваа археолозите, туку природен рид.

Тој исто така рече дека огромната 7,5 метртарска фигура на лав на пиедестал пронајдена во Амфиполис, е претешка, за да би стоела на врвот на гробот, како што сметаат археолозите.

“Ѕидовите на гробницата не би издржале и половина тон, а камоли 1,5, колку што се проценува тежината на лавот”, рече Камбуроглу.

Што се однесува до гробот во форма на кутија, во која се наоѓаат остатоците на најмалку пет лица, тоа според геологот е последната просторија на главната гробница, која најверојатно била уништена од ловците на богатсво. Тој посочува дека мермерната врата на гробницата има траги од честа употреба, што значи дека бројни посетители често влегувале и излегувале.

Засводените простории датираат меѓу 325 година п.н.е. (две години пред смртта на Александар Велики) и 300 година п.н.е., иако според некои археолози се подоцнежни.

Директорката на археолошкиот тим Катерина Перистери претпостави дека тука е погребан некој од членовите на семејството на Александар или негов генерал. Пронаоѓањето на остатоците од пет тела сепак фрли сомнеж врз оваа теорија, а коментарите на Камбуроглу целосно ја демантираат.

Александар, чија империја се простирала е од денешна Грција до Индија, умрел во Вавилон и е погребан во од него основаниот град Александрија. Точната локација на неговиот гроб е една од најголемите мистерии на археологијата.

Генералите на Александар со години се бореле за власт. Мајката, вдовицата, синот и полубратот на царот се убиени во овие војни, повеќето од нив – блиску до Амфиполис.