Дезодорансот може да ги оштети сперматозоидите

362

Дезодорансот е неизбежен дел од секојдневието, но мажите треба да имаат едно на ум во однос на производот, бидејќи тој може да ѝ наштети на спермата, пишува “Дејли стар”, повикувајќи се на резултатите од полско истражување.

Авторите од Институтот за трудова медицина во Лоѓ утврдиле дека хемикалиите содржани во дезодорансот и други козметички производи можат да влијаат негативно врз квалитетот на семената течност.

Истражувањето што опфатило 315 мажи, покажува дека хемикалии во споменатите производи предизвикуваат абнормалности во форма на сперматозоидите и освен тоа ги прават “малите пливачи” побавни, како резултат на што се јавуваат проблеми со оплодителните способности.

За целите на истражувањето експертите анализирале примероци од крв, урина и сперма. Целта им била да го истражуваат количеството и квалитетот на семената течност, како и количеството на хемикалиите во телото.

Анализата на податоците покажа дека кај мажите, кај кои се евидентирани покачени нивоа на paraben-во урината, спермата е побавна и со необична форма – фактори со негативно влијание врз нивната способност да оплодат женска јајце клетка.

Врз основа на добиените резултати експертите препорачуваат мажите по можност да ја избегнуваат употребата на производи кои содржат парабен. Предметните хемикалии се користат во козметички производи за да штитат од создавање на бактерии и мувла.