Од почетокот на пандемијата, луѓето направиле сѐ за да се заштитат од коронавирусот – миењето раце, држењето растојание на јавни места, е бесконечен список на работи до кои се придржуваме за да се заштитиме.
Благите симптоми на омикронот доведоа многумина да размислуваат дали можеби намерно би требало да се заразат.
Концептот на намерна омикронска инфекција произлегува од идејата дека Ковид-19 е неизбежен. Покрај тоа, се верува дека инфекцијата со вирусот може да помогне да се развие долгорочен имунитет.
Кога телото само се бори против инфекцијата, станува подобро опремено да се бори со други варијанти на истиот вирус во иднина. Истражувањата сугерираат дека вакцинацијата плус инфекцијата обезбедуваат силна заштита од варијантите на коронавирусот.
Ако се базираме на таа логика, многумина претпоставуваат дека е подобро да се заразиме за да се добие уште еден слој на заштита, пишува TimesofIndia.
Зошто е тоа лоша идеја?
Иако многумина ја сметаат за практична идеја, експертите од областа на медицината не ја препорачуваат. Д-р Rakesh Pandit вели дека намерната инфекција со коронавирусот во овој момент би била глупава работа.
Тој објаснува дека ова не е практично решение бидејќи со PCR тестот не може да се открие дали е омикрон или делта. Така, никој не може да предвиди со која варијанта ќе биде заразен. Може да биде омикрон или делта, но сепак може да доведе до сериозни симптоми подоцна.
„Сè уште има 10 до 15 проценти од случаите на делта инфекција, невозможно е да се знае дали поединецот ќе биде заразен со делта или омикрон“, вели Pandit. Исто така, сериозноста на инфекцијата зависи од тоа колку вируси влегле во телото.
„Инфекција со варијанти на ковид не е како да давате одредени дози некому, под претпоставка дека само мала количина од вирусот ќе стигне до вашето тело и дека ќе развиете имунитет. Целосно зависи од тоа колку е заразна личност која го шири вирусот на други. Ако таа личност носи голема количина на вирусот, поголема е веројатноста да има потешки симптоми“, рече тој.
“Благ” е потценет термин за омикрон
Неколку студии сугерираат дека омикрон води до благи симптоми, но терминот “благ“ е потценет збор во однос на коронавирусот. Дури и оваа блага варијанта ќе ви пречи во секојдневното функционирање најмалку 10 дена.
Ќе мора да се справите со различни симптоми како треска, кашлица, отежнато дишење, болки во мускулите, главоболки, губење на мирис и вкус, гадење и повраќање.
Покрај тоа, секогаш постои ризик од развој на долгорочни симптоми. Д-р Vijaj Dutta вели дека многу луѓе не се свесни за сериозноста на инфекцијата со омикрон додека не се соочат со пост-ковид симптоми.
Можете да заразите други
Заразеното лице почнува да го шири вирусот уште пред да ги види симптомите. Ова значи дека не само што ќе се ставите во опасност, туку ќе го пренесете вирусот на другите.
Д-р Pandit предупредува дека е важно да се знае дека не постои регулиран начин да се заразиме со вирусот. Затоа е важно да се следат упатствата издадени од владите за заштита од коронавирус.
Вирусот ја менува својата структура и доаѓаат нови варијанти кои го избегнуваат нашиот имунитет. Единствениот начин да останете безбедни е да се вакцинирате и да ги следите сите мерки за заштита од инфекција.



















