Дали ќе се роди континентална ЕУ во 2020 година?

384

Со Brexit доаѓа промена во односите на моќ во рамките на ЕУ. Оската Париз-Берлин веќе не е доволно, Германија мора да се сврти посилно кон Источна Европа ако сака да ја задржи својата тежина во рамките на ЕУ, смета Boris Kálnoky.

Bratislava Treffen der Visegrad Gruppe mit Merkel (Reuters/D. Cerny)

Европската унија ќе се намали во 2020 година, а нејзините политики ќе бидат затегнати. Британците дефинитивно се збогуваат со заедницата на држави и тоа ќе има последици по односите на моќ во рамките на ЕУ.

Веќе е забележана отстапка од оската Берлин-Париз како одлучувачки центар на моќ при враќањето во историските структури. Во овој процес спаѓа и создавање на еден блок во Источна и Централна Европа и тоа таму каде некогаш постоела Хабсбуршката монархија. Таканаречената Вишеградска група со Унгарија, Чешка, Словачка и Полска се повеќе ги привлекува и другите земји од регионот.

Каде е местото на Германија во рамките на ЕУ?

Во оваа консталација Германија мора да се запраша каде се наоѓа нејзиното место во оваа Европа: Идните контури на Европската унија во голема мерка зависат од одлуката на Берлин. Германските политичари делуваат како да не се кормилари на овој континент. Но, за тоа многу добро се свесни во другите земји-членки на ЕУ. Ова е една од причините поради кои се појавил Brexit: Британците ја почувствувале германска доминација и не сакаат да бидат дел од оваа моќна структура.

2019 година е и година на превирањата меѓу Германија и Франција, што може да се смета како почеток на борбата за доминација во новата, континентална Европа. И Французите сметаат дека Германците би можеле да завладеат со Европа како никогаш досега од Втората светска војна. И против тоа се борат со сите сили и средства кои веќе во историјата Де Гол, Митеран и другите француски претседатели ги користеле. А тоа значи ангажирање на Германија во структури во кои не би имало простор за осамени потези на Берлин што би резултирало со заземање на што повеќе клучни позиции. Еден од потезите на Франција во оваа насока е повикот на Макрон за формирање на ЕУ армија во која Франција ќе ја преземе водечката улога како единствена атомска сила на континентот и како единствена земја членка на ЕУ со јасна амбиција за воена интервенција на глобално ниво.

На истокот на ЕУ, Германија се соочува со ново-стара реалност: земји кои некогаш биле дел од Хабсбуршката монархија ја нудат својата соработка. Одлучувачкиот развој последниве години кога е во прашање односот на овие земји со Германија не е, како на прва би можело да се помисли, конфликтот околу миграцијата, владеењето на правото или европските интеграции, туку силната желба на источноевропските земји Берлин да ги признае како стратешки партнери. И со тоа да се врати реалната и прагматична политика на ширење влијание и одбрана на интереси, наместо постојано морализирање и држење проповеди. Овие земји се нудат на Германија како партнери во јакнењето на моќта на Берлин во рамките на ЕУ. Но, само ако за возврат добијат нешто од Германија.

Притисок на Вишеградската група

Овој притисок зад кулисите е формиран уште од 2014/15 година. И, сè повеќе има знаци дека Берлин ја прифаќа оваа опција. Министерот за надворешни работи Heiko Maas, додуша сè уште држи морални проповеди, но зад кулисите се стреми кон трезвена нова “источна политика“. Тој, исто така, се отвора кон Вишеградските земји. Барањето на Либерално-демократската партија на Германија (FDP), која во Бундестагот оваа есен побара институционална стратешка соработка со земјите од Вишеград, оди во оваа насока. Иако ова барање, поради малубројните пратениците на FDP во Бундестагот, немало изгледи да помине, многу политичари на владејачката Демократско-социјална коалиција јасно ставиле до знаење дека ја поддржуваат оваа иницијатива. И сега на нив е да спроведат што е можно повеќе либерална иницијатива преку парламентарните одбори.

По Brexit, Германија мора да се сврти кон земјите членки на ЕУ во Централна и Источна Европа. И тоа како контрабаланс на Франција, но и да ги врзат Вишеградските земји за себе и во исто време да ги оддалечат од десничарските движења во Италија и Франција. Најголемата пречка за оваа стратегија беше самата Германија со државно-правната постапка по Член 7 против Полска и Унгарија. Како да заврши оваа постапка? Никој не го знае тоа. Во моментов никој не се осмелува да ги ослободи „грешниците“ и тоа од страв дека ќе бидат нападнати. Како и да е, до осуда нема да дојде затоа што бара едногласност во рамките на ЕУ.

Надеж во нови државно-правни механизми

Решението можеби ќе треба да се побара во новиот предлог на Европската комисија во врска со правниот механизам што може да се примени на постојните постапки против Полска и Унгарија. Новата постапка бара многу почувствителен пристап. А потребно е да се фрли поглед на остатокот од ЕУ: да кажеме на прашањето за независност на францускиот Уставен суд и неговата поврзаност со политиката. Или австрискиот систем, кој во голема мерка е проникнат од стариот механизам на врски и познаници. Или да не се спомнува Грција и политиката на делаба на ЕУ парите. Списокот е долг. Никој не е без грев.

2020 година би можела да стане година на раѓање на континентална Европска унија чија политика треба да биде во духот на прагматизам, а не на проповеди.

 

 

Boris Kálnoky за “Die Welt” и неколку германски медиуми.