Босилекот – делотворен и божествено моќен

238

Лековитата природа – босилекот се користи против кашлица, болести на бубрезите, главоболка и депресија, кај настинки, воспаление на ушите и ушното тапанче, но и како средство за освежување и закрепнување.

Босилекот во вид на грмушка (Ocimum basilicum) со карактеристичен мирис, претставува зачин, лековито и свето растение, кое во многу региони има посебна важност. Потекнува од Индија, а во Европа во 12 век го донеле монаси. Православната црква, хиндуистите и многу други народи, на босилекот му припишуваат божествена моќ. Постои верување дека на крстење никогаш никој не настинува, без оглед на возраста, бидејќи оваа билка поседува силно антивоспалително дејство.

Записите покажуваат дека за босилекот знаеле уште во древен Египет. Зборот босилек доаѓа од грчкиот збор базиликон, што значи кралски или почит на старите култури за неговото постоење.

Римјаните го поистоветувале со љубовта и лојалноста и верувале дека мажот засекогаш ќе ја сака жената од која ќе добие гранче босилок, додека во Индија го негувале како симбол на добредојде.

Како зачин босилекот дава вкус на јадењата, го подобрува варењето на тешка храна и штити од крварење. Кулинарите го препорачуваат како додаток на јадења од компири, пченка, карфиол и модар домат. Во медитеранската кујна претставува основен дел на сосови и преливи за јадења со тестенини. Сушениот босилек има посилен вкус од свежиот, па треба да се додава на манџи и разни други јадења од зеленчук, како што е грашак и грав, но и во салати и намази.

Традиционалната медицина исто така ги цени лековитите својства на босилекот. Се користи против кашлица, болести на бубрезите, главоболка и депресија, а во вид на чај за намалување на менструалните болки. Сокот од лисјата се користи против настинки, воспаление на ушите, против несоница и намалување на нервозата, како и за зголемување на апетитот.

Чајот од босилек секако треба да го пијат доилките, бидејќи го поттикнува создавањето на млеко. Се подготвува така што листовите од сув босилек ќе се прелијат со зовриена вода и се оставаат 10 минути. Овој напиток може да се пие секој ден, но по осум дена треба да се направи пауза од две недели.

Истражувањата на официјалната медицина покажале дека со свеж босилек успешно се лечат болни отечени зглобови, а пред се зглобови зафатени со артритис. Експертите тврдат дека листовите на ова растение делуваат слично како таблетите диклофенак. Еугенолот кој на босилекот му дава препознатлива арома, а го има најмногу во азиски видови, е клучна состојка која делува против воспаленија.

Поради седативното дејство, единствено не се препорачува на бремени жени, како ни на бебиња помали од шест месеци.