Американска шпионка без нога која била кошмар за нацистите | Фото/Видео

235

Вирџинија Хол Гестапо ја опишал како “најопасен шпион на сојузничките сили” и ја сметал за голема закана по Третиот рајх, поради што и главата и била уценета.

Иако имала само една нога, ниеден друг шпион не ги мачел нацистите како неа. Вирџинија Хол била родена во Балтимор на 6. април 1906. година во богато семејство на фармери. Била одличен студент, главна уредничка на школскиот весник и капитен на хокеарскиот тим. Нејзините врсници ја запаметиле како “најоригинална во генерацијата”..

Образованието го продолжила во Европа, каде дипломирала економија и меѓународно право и научила француски, италијански и германски јазик.

Се вработила во американската амбасада, а потоа доживеала несреќа кога случајно си пукнала во нога додека ловела. Поради тешките повреди ногата и била ампутирана до коленото. Се срушиле нејзините сништа за дипломатска кариера, бидејќи Стејт департментот тогаш имал правило според кое се забранувало вработување на лица со инвалидитет.

Хол сепак не се откажувала, дала отказ во амбасадата и започнала потрага по подобра иднина. Кога почнала Втората светска војна, сакала да се бори. Живеела во Лондон и се јавила во специјалните единици, научила да користи оружје и да организира акции за движењата на отпорот. Британската војска ја пратила Вирџинија во Франција да собере податоци за германските операции и да помогне да се организираат отпори.

Во Франција влегла во август 1941. година, претставувајќи се како новинарка на “New York Post”, а веќе до ноември воспоставила тајна мрежа на лојални француски граѓани собрани под шифрата “HECKLER”. Тоа движење постигнало голем успех, и помогнало во организација на бегства на бројни британски пилоти, кои биле соборени од Германците.

Кога Германија ја освоила Франција во ноември 1942. година, таа побегнала во Шпанија, но Германците и биле зад петите. Успеале да уапсат многу агенти, но не и неа, која била мајстор за маскирање.

Иако ангажирале тимови на двојни агенти да ја елиминираат или да дознаат било какви информации за оваа мистериозна “дама која криви”, како што ја нарекувале, нацистите никогаш не успеале да ја дознаат ни нејзината националност, ни нејзиното вистинско име.

Вирџинија преку густиот снег на Пиринеите одвај се пробила до Шпанија, каде била уапсена за илегално преминување на границата. Во затвор преку една затвореничка, која била ослободена, им пратила порака на американските службеници во Барселона. Тие потоа ја ослободиле и таа се приклучила на американскиот шпионски одред.

Во мај 1944. година повторно се нашла во Франција, овој пат со лажен идентитет, како Французинката Марсел Монтањ. За да ги избегне сомнежите, ја променила бојата на косата во сива, ставила протеза и ја влечела ногата додека оди, за да не се види нејзиното кривење. Работела како радио оператори тајно им праќала координати на Американците и Британците за движењето на германските сили. Но, не само тоа.

Таа и нејзиниот тим уништиле четири мостови, ги пренасочувале возовите на германската војска, уништувале телефонски врски и вкупно убиле 150 германски војници и агенти, а заробиле околу 500, за кои се вели дека ги мачела додека не го добиела тоа што го сакала.

На крајот таа и останатите агенти биле повлечени од службата кога дошло до истоварувањето на Нормандија. Така завршила нејзината кариера како воен шпион, но продолжила да работи за ЦИА, како аналитичар, се до нејзината пензија. Добила бројни одликувања. Починала во 1982. година во Мериленд.