Работите од дома? Тогаш, движете се за да спречите длабока венска тромбоза

163

Во последните месеци, сè повеќе луѓе работат од дома поради пандемија на коронавирус, а некои зарад тоа помалку се движат и помалку вежбаат.

Германските лекари предупредуваат дека недостатокот на движење може да го зголеми ризикот од развој на длабока венска тромбоза (ДВТ), која настанува кога во длабоките вени, најчесто на нозете, се формира згрутчување на крвта или тромб.

Од тие вени, крвта тече назад кон срцевиот мускул, а процесот се одвива благодарение на мускулната венска пумпа која ги затегнува и опушта мускулите додека одиме.

Додека лежите или седите, крвта во нозете тече побавно бидејќи се отсутни таквите мускулни контракции.

Со оглед на тоа дека недостатокот на движење може да ја зголеми веројатноста за појава на згрутчување на крвта, ако поминувате многу време седејќи на биро, важно е редовно да станувате или да правите полесни вежби, советува Германското здружение за здравствени информации и заштита на потрошувачите (БГВ) со седиште во Бон.

Членовите на здружението советуваат вежби за истегнување додека седите или, на пример, повремено да ги свиткувате колена кога ќе станете. БГВ советува и едноставна вежба која се состои од подигнување на стапалата во седечка положба.

Додека седите, исправете ги грбот и бутовите, така што тие формираат прав агол. Полека кренете ги двете петици, потпирајќи ги ножните прсти на подот, а потоа повторно спуштете ги на подот. Повторете ја вежбата десетина пати.

Длабоката венска тромбоза може да биде многу сериозен проблем затоа што згрутчувањето на крвта може да се одвои и низ крвотокот да заврши во белите дробови, блокирајќи го нормалниот проток на крв.

Оваа опасна по живот состојба се нарекува белодробна емболија. Фактори на ризик за развој се претходни операции, воспаленија, проширени вени и проблеми со бубрезите.

Ако страдате од некој од овие проблеми, се советува да разговарате вашиот лекар во врска со тоа.