Единаесет минути од оваа активност дневно го намалуваат ризикот од прерана смрт за 23 проценти.
Една од десет предвремени смртни случаи може да се спречи со секојдневно вежбање, како што е брзо одење од 11 минути, покажа големо истражување.
Познато е дека физичката активност го намалува ризикот од срцеви заболувања, рак и други водечки причини за смрт, но не е јасно колку точно вежбање е потребно за да се има овој ефект.
Затоа, меѓународен тим на истражувачи ги здружи резултатите од 196 претходни студии во кои беа вклучени повеќе од 30 милиони луѓе за да создаде една од најголемите анализи спроведени на оваа тема.
Тие пресметале дека приближно секоја 6та предвремена смрт би била спречена доколку испитаниците имале најмалку 150 минути умерена физичка активност неделно, нивото препорачано од британската Национална здравствена служба.
Но, дури и половина од тоа, 75 минути неделно или помалку од 11 минути на ден – може да спречи секоја 10та рана смрт, според мета-анализата објавена во British Journal of Sports Medicine.
Ова вклучува намалување на ризикот од срцеви заболувања за 17% и рак за 7%.
За лице со минимална или без физичка активност, 11 минути брзо одење дневно го намалува ризикот од прерана смрт за 23%.
Soren Brage, експерт за епидемиологија на физичка активност на британскиот универзитет во Кембриџ и коавтор на студијата, изјави за AFP дека ова е исклучително добра вест.
Сè што треба да направите е да најдете малку повеќе од 10 минути време секој ден, рече тој. И за тоа не мора да одите во теретана, тоа е дел од секојдневието, додаде тој.
Тој предложи луѓето да симнат една станицата порано на пат кон работа или да возат велосипед.
Бидејќи се потребни години за да се процени каков ефект има вежбањето врз ризикот од такви болести, многу од студиите беа спроведени пред повеќе од една деценија, рече Brage.
Тоа значи дека активноста пријавена од учесниците во студијата е веројатно помалку точна од она што може да се постигне со поновите технологии како што се педометрите, изјави Brage, признавајќи дека ова ја ограничи студијата.
Кардиоваскуларните болести како што се срцев удар и мозочен удар убиле 17,9 милиони луѓе ширум светот во 2019 година, додека ракот предизвикал речиси 10 милиони смртни случаи следната година, според Светската здравствена организација.



















