Невообичаеното топло време во Европа предизвикува загриженост

1312

Утринските температури кои достигнаа 30 степени Целзиусови во Шпанија во текот на октомври можеби ги воодушевија туристите, но тие предизвикуваат загриженост кај научниците.

Живата се искачува многу над нормалното низ Европа, од Шпанија до Шведска.

По летото обележано со повторени топлотни бранови, во Европа преовладуваат исклучителни температури и на почетокот на есента, што е знак за забрзување на климатските промени.

Месецот сè уште не е завршен, но веќе можеме речиси со сигурност да кажеме дека ќе биде најтоплиот месец (во Шпанија) од 1961 година, кога почнаа да се собираат податоците, изјави Ruben del Campo од шпанската метеоролошка служба Aemet, додавајќи дека доколку земајќи ги предвид историските податоци, овој октомври во Шпанија е најтопол во последните сто години.

Еден или два дена над 30 степени е нормално за Шпанија, рече тој. Но, толку денови, не. Ова се летни температури, а веќе влеговме во есен.

Во петокот наутро, северното летувалиште San Sebastian забележа температура од 30,3 степени Целзиусови во 8:30 часот, што е значително над сезонскиот просек.

Последниве денови избувнаа пожари во Баскија, каде се наоѓа San Sebastian, па властите забранија скара и огномет.

Необичниот топлотен бран донесе нов збор во шпанскиот јазик – „verono”, комбинација од зборовите verano (лето) и otono (есен).

Del Campo изјави дека во последните десет години има „значително забрзување“ на климатските промени и се поголема дезертификација на земјата.

Според тинк-тенк Climate Central, Мадрид, Барселона, Валенсија и Сарагоса се меѓу десетте европски градови најпогодени од глобалното затоплување според доказите од последните 12 месеци.

Од Шпанија до Шведска

Соседна Франција, како и Шпанија, забележа потопол октомври од просекот. И топло е на крајниот север, во Шведска, каде во петокот во јужниот град Кристијанштад беа измерени рекордни 19,5 степени.

Ова е највисоката температура досега забележана во Шведска вака доцна, изјави Erik Hojgard-Olsen, метеоролог од Шведскиот метеоролошки и хидролошки институт (SMHI).

Во југозападниот дел на Франција, кој летово беше зафатен од големи шумски пожари, Meteo France во петокот објави дека температурите се приближиле до 30 степени.

Во Белгија, главниот град Bruxelles забележа максимална температура од 24 степени, цели 10 степени над нормалата за крајот на октомври.

Британската метеоролошка служба, Met Office, во средата објави дека Лондон уживал во топли 20,5 степени Целзиусови, што е поблиску до температурите што преовладуваат кон крајот на август, а не октомври.

Топол фронт од југозападниот дел на континентот ја зафати и Германија, која ужива во температури кои повеќе се усогласени со летото отколку со почетокот на ноември.

Тешко е да се поверува дека е крај на октомври бидејќи големи делови од Европа (и Северна Африка) се невообичаено топли, објави Светската метеоролошка организација во петокот на Twitter.

Тоа не е нормално

Ruben del Campo изјави дека на некои луѓе можеби ќе им се допадне тоа што засега не мора да го вклучат централното греење и дека можат да одат дури и на плажа.

Но, всушност, последиците не се добри, рече тој, посочувајќи на ниските нивоа на подземните води, што е лоша вест за Шпанија, чие земјоделство ја снабдува Европа со голем дел од своето овошје и зеленчук.

Залихите на подземна вода во Шпанија минатата недела паднаа на 31,8 отсто од капацитетот, во споредба со десетгодишниот сезонски просек од 49,3 отсто.

Жителите и туристите кои уживаа на плажите во Барселона изјавија дека се свесни дека има негативна страна на ваквото топло време.

Навистина сме среќни со ова топло време, ни се допаѓа. Но, тоа не е нормално, изјави Alicia Pesquera, 43-годишна козметичарка.

Секако дека не загрижува. Сега треба да врне или барем малку студено, изјави Fernando Raibas, турист од Галиција.