Меѓународен тим астрономи во понеделникот го објави откривањето на голем астероид чија орбита ја сече орбитата на Земјата, создавајќи далечна, иако мала, шанса за катастрофален судир.
Астероидот широк 1,5 километар, наречен 2022 AP7, е откриен во област каде што е многу тешко да се видат објекти поради сјајот на Сонцето.
Пронајден е заедно со два други астероиди блиску до Земјата со помош на високотехнолошки инструмент на телескопот Victor M. Blanco во Чиле, кој првично е развиен за проучување на темната материја.
„022 AP7 ја пресекува орбитата на Земјата, што ја прави потенцијално опасен астероид, но моментално нема патека која би довела до судир со Земјата“, рече водачот на тимот што го открил астероидот, астрономот Scott Sheppard од Институтот за наука Carnegie.
Потенцијалната закана произлегува од фактот дека, како и со секој друг објект во орбитата, неговата траекторија полека ќе се менува поради безбројните гравитациони сили, особено на планетите.
Затоа, тешко е да се прават долгорочни прогнози.
![]()
Новооткриениот астероид е најголемиот потенцијално опасен за Земјата објект откриен во последните осум години, според NOIRLab, истражувачка група финансирана од САД која управува со повеќе опсерватории.
Во нејзината сегашна орбита, ризикот е мал, но во случај на судир, астероид со таа големина би имал разорно влијание врз животот каков што го знаеме, рече Sheppard.
Тој објасни дека прашината фрлена во воздухот ќе има голем ефект на ладење, предизвикувајќи масовно изумирање чие слично не било видено на Земјата со милиони години.
Резултатите од неговиот тим се објавени во научното списание The Astronomical Journal. Останатите два астероиди не претставуваат закана за Земјата, но едниот е најблискиот астероид досега пронајден до Сонцето.
Околу 30.000 астероиди од сите големини – вклучително и повеќе од 850 пошироки од еден километар – се идентификувани во близина на Земјата, со што ја добија ознаката “Near Earth Objects” (NEO).
Ниту еден од нив не е закана за Земјата во следните 100 години.
Според Sheppard, веројатно може да се најдат 20 до 50 големи NEO, но повеќето се во орбити заматени од сјајот на Сонцето.
Како дел од подготовката за идното откривање на уште поопасен објект, NASA на крајот на септември изврши пробна мисија во која го судри вселенското летало со астероид, докажувајќи дека е можно да се промени неговата траекторија.



















