Сега и официјално ! Овогодинешното лето е најжешкото досега забележано во Европа!

989

Во месец август, температурите беа убедливо највисоки забележани некогаш и изнесуваа 1,72°C над просекот од 1991 до 2020 година.

Летото (јуни-август) 2022 година, обележано со неколку топлотни бранови и силна суша поврзана со глобалното затоплување, е најжешкото досега забележано во Европа, соопшти вчера европската служба за климатски промени Copernicus.

Просечните температури биле „највисоки, како за месец август, така и за цело лето“, надминувајќи ги за три месеци за 0,4°C оние од 2021 година, што преставувало рекорд, се вели во соопштението за печатот на Copernicus.

Температурите биле „околу 1,34°C над летниот просек 1991-2020 година“, додава Copernicus.

Само во месец август, температурите биле „убедливо највисоки“ забележани некогаш и биле „1,72°C над просекот од 1991 до 2020 година“.

„Интензивната серија топлотни бранови ширум Европа, заедно со необични суви услови, довело до лето на екстреми, со рекордно високи температури, суши и пожари“, вели научникот од Европскиот институт Фреја Вамборг.

„Сушата и пожарите во многу делови на Европа влијаеле на општеството и природата на различни начини“, истакна таа, потсетувајќи дека „претходниот рекорд бил стар само една година“.