Новооткриените честички ќе им помогнат на физичарите да разберат како кварковите се вклопуваат во сложени честички.
Илустрација на нови пентакварки и тетракварки (Фото: ЦЕРН)
Научниците пронашле три претходно непознати субатомски честички во Големиот хадронски судирач (LHC), објави во вторникот Европската организација за нуклеарни истражувања (CERN).
LHC е кружен подземен тунел долг 27 километри во кој субатомските честички се забрзуваат и се судираат со цел да се тестираат нивните својства и да се откријат нови. Хигсовиот бозон, кој се смета за важен дел од формирањето на универзумот по Големата експлозија пред 13,7 милијарди години, е пронајден во LHC, пишува Reuters.
Научниците од CERN сега објавиле дека забележале нов тип на „пентакварк“ и првиот пар „тетракварки“ во историјата, додавајќи ги на листата на нови хадрони пронајдени во LHC.
Тие ќе им помогнат на физичарите да разберат како кварковите се вклопуваат во сложени честички.
Кварковите се елементарни честички кои се комбинираат во групи од два или три кваркови за да формираат субатомски честички како што се протоните и неутроните.
Поретко, тие се формираат во поголеми групи, со четири или пет кваркови – таканаречени тетракварки и пентакварки.
– Колку повеќе анализираме, толку повеќе видови егзотични хадрони наоѓаме, вели Niels Tuning во соопштението. Сведоци сме на период на откривање сличен на педесеттите, додаде тој.



















