Симптомите биле благи, но таа истакнува дека сите нејзини пациенти биле здрави луѓе и се плашеле за постарите. И токму тоа е најголемата опасност за Европа.
Јужноафриканската докторка Angelique Coetzee, која прва ги предупреди властите во нејзината земја за појавата на нов вид на коронавирус меѓу пациентите, изјави за Daily Telegraphe дека симптомите на новиот вид, кој Светската здравствена организација го нарече ОМИКРОН, се „невообичаени, но благи“.
“Немаа смисла”
Coetzee вели дека првпат ја забележала можноста за нова варијанта кога пациентите во нејзината приватна клиника во Преторија почнале да пристигнуваат на почетокот на овој месец со симптоми на ковида-19 кои „на почетокот немале смисла“.
Младите од различни општествени слоеви изјавиле дека чувствувале интензивен замор, а шестгодишното дете имало многу брз пулс. „Никој немаше губење на сетилото за мирис или вкус“, рече таа.
„Симптомите беа толку различни и беа толку благи во споредба со оние што ги третирав порано“, рече Coetzee, доктор со 33-годишно искуство.
Кога четворица членови од исто семејство добиле позитивен тест со симптоми кои вклучуваат замор, лекарот го предупредил државниот советодавен одбор за вакцинација.
Таа рече дека околу дваесет од нејзините пациенти добиле позитивен тест со симптоми на новата варијанта. Претежно млади мажи кои дошле со „неверојатно чувство на замор“. Таа наведува дека приближно половина од нив не се вакцинирани.
“Имавме еден интересен случај. Дете, на околу шест години, со висока температура и пулс. Се прашував дали девојчето треба да биде хоспитализирано. Кога проверив за неколку дена, беше подобро”, рече таа.
Нејзините пациенти биле здрави, но се плаши за постарите
Coetzee ги споделила своите наоди со неколку африкански медицински здруженија и јасно им ставила до знаење на колегите дека сите нејзини пациенти се инаку здрави, но дека се грижи дека новата варијанта би можела да биде поопасна за постарите луѓе или оние со коморбидитети како срцеви проблеми или дијабетес.
„Она од што сега треба да се плашиме е дека кога постарите, невакцинирани луѓе ќе се заразат со новата варијанта, можеме да очекуваме повеќе случаи на тешки форми на болеста“, рече таа за Daily Telegraph.
И тоа може да биде најголемиот проблем на Европа. Во Јужна Африка, луѓето на возраст над 65 години сочинуваат нешто помалку од 6 отсто од населението. Во ЕУ овој процент е поголем од 20 отсто, односно секој петти жител спаѓа во групата која се смета за ризична поради возраста.
Европскиот центар за контрола на болести изрази сериозна загриженост дека новата варијанта може значително да ја намали ефикасноста на достапните вакцини и да го зголеми ризикот од повторна инфекција.
Како одговор на таа вест, многу влади ширум светот ги прекинаа патничките летови од некои јужноафрикански земји, вклучувајќи ги Боцвана, Лесото, Мозамбик, Намибија, Зимбабве, Јужна Африка и Свазиленд.



















