Проучувањето на фосилизирано ткиво би можело да им ја открие на научниците еволутивната историја на ракот и како различните видови се справувале со него.
Со децении, научниците се обидуваат да ги пронајдат најдобрите и најефикасните лекови и терапии за борба против најразновидните видови рак. Но, се чини дека клучот за борба против ракот може да биде закопан во фосили стари речиси 70 милиони години.
Имено, научниците откриле фосил од мал диносаурус, за кој утврдиле дека имал мал тумор. Ова би можело да укажува дека дури и диносаурусите се бореле со ракот.
Не само тоа, туку би можело да покаже како луѓето се справуваат со ракот и потенцијално да доведе до подобри лекови.
Интегрирањето на теоријата на животниот циклус со напредни протеомски методи има за цел да открие како еволутивните компромиси влијаеле на подложноста на рак и може да открие нови механизми за контрола на ракот. Истражувањето ја истакнува важноста на зачувувањето на фосилизираните ткива и унапредувањето на протеомските техники за разбирање на еволуцијата на ракот и подобрување на модерната превенција на болести, велат истражувачите во својот труд.
Научниците веќе откриле дека некои животни не заболуваат од рак. На пример, слоновите и китовите. Проучувањето на фосилизираното ткиво би можело да им ја открие на научниците еволутивната историја на ракот и како различните видови се справиле со него.
Фосилите што ги проучуваме денес можеби нема веднаш да ги откријат сите свои тајни, но со нивно зачувување во оптимални услови, се подготвуваме за идни откритија што би можеле да го преобликуваат нашето разбирање за еволуцијата на ракот, истакнуваат научниците.
Тие додаваат дека ова истражување оди подалеку од палеонтологијата и има импликации за модерната компаративна онкологија.
Со проучување на древните механизми на сузбивање на туморот, би можеле да откриеме биолошки стратегии што би можеле да инспирираат нови пристапи кон лекување на ракот кај живите видови. Понатаму, истражувањето како факторите на животната средина влијаеле врз инциденцата на праисторискиот рак би можело да ни помогне подобро да ја разбереме модерната канцерогенеза и нејзините еколошки двигатели, додаваат истражувачите.
Сепак, за да се постигне ова, треба да се посвети интердисциплинарен пристап, заеднички напор и посебно внимание на зачувувањето и анализата на фосилизираните меки ткива.
Со заеднички напор за документирање, зачувување и анализа на фосилизирани меки ткива, можеме да ја откриеме молекуларната историја на древните болести и да придонесеме за еволутивната биологија и модерната медицина, заклучуваат тие на крајот од нивната студија, објавена во списанието MDPI Biology.



















