14-годишна муслиманка ги руши стереотипите – првата балерина со хиџаб на светот

463

Четиринаесетгодишна муслиманка со голема самодоверба си постави пред себе една цел – да стане првата професионална балерина на светот. Иако многумина демотивирачки ја убедуваат да се откаже, таа смело трча кон остварување на својот сон.

Стефани Курлов се занимавала со балет уште од мали нозе, но во 2010 година нејзиниот живот целосно се променил.

Семејството на Стефани си ја променило својата религија, прифаќајќи го исламот, па таа истовремено престанала да се занимава со балет, зашто мислела дека нема шанси за професионална балетска кариера.

„Го прифатив исламот во 2010 година и тоа донесе многу позитивни аспекти во мојот живот, но престанав да настапувам, бидејќи сметав дека нема шанси да станам професионална балерина зашто нема установи и услуги кои ги таргетираат девојчињата муслиманки“ – пишува таа на LaunchGood.

Инспирирана од промените на светско ниво и успехот на многу жени муслиманки, Стефани решила да се бори за остварување на својот сон. Таа започна кампања за собирање средства на LaunchGood, кои планира да ги инвестира во отворање на училиште за деца и тинејџери од различни религии и раси, како и во свој личен напредок во балетот.

Целта на Курлов е да покаже дека религијата не треба да биде пречка за практикување на определен спорт и дека талентот не познава вера или раса. „Мојот план е да го здружам светот, станувајќи првата балерина муслиманка, за да можам да инспирирам и многу други луѓе да веруваат во себе и да ги следат своите соништа. Сакам да ги охрабрам сите да се здружат независно од нивната вера, раса или боја на кожата. Да донесам хармонија и свет на прифаќање за следните генерации“ – пишува таа.

Стефани КурловСепак, не е сè розово во животот на Стефани. Иако ја има безрезервната поддршка од своето семејство, таа често наидува на демотивирачки коментари и коментари од порадикални муслимани кои тврдат дека танцувањето е „haram“ или недозволено.„Претпоставувам дека тоа е она што ги спречува некои муслимани да ја следат кариерата која ја сакаат, но јас знам дека она што го правам е правилно и ќе продолжам да го правам“– изјавила таа за The Sydney Morning Herald.

„Често ги добивам оние погледи или тие мали шепотења од луѓе кои ми велат дека не можам да го направам тоа и постојат делови во балетскиот свет каде ме гледаат само по алиштата кои ги носам или верувањата кои ги имам. Но, ова ми значи сè“ – додала таа.

„Не се работи само за тоа јас да станам балерина. Туку за муслиманите да станат инженери или ТВ водители или писатели“ – вели Стефани.