Што е цунами, како настанува и зошто може да биде опасно ? Фото/Видео

363

Иако опасноста од цунами во Македонија е никаква, добро е да се знае што всушност е цунами и како да се препознае.

Земјотресот е крајно непријатно искуство бидејќи доаѓа ненадејно и може да има крајно разорни последици. Но, во некои области, земјотресите често се придружени со цунами, кои можат да бидат подеднакво или дури и поразорни од самиот земјотрес. Но, што точно е цунами и како се создава?

Самиот збор цунами доаѓа од јапонскиот јазик и значи „бран во пристаништето“. И всушност многу добро опишува што е точно цунами. Официјално, цунами е морски бран (или неколку) со големи амплитуди, кои се предизвикани од земјотрес, вулканска ерупција или други атмосферски нарушувања.

Иако можат да се појават насекаде во светот, најчесто се евидентирани во Тихиот и Индискиот Океан, области каде што има голем број тектонски раседи и кои се сеизмички многу активни.

Цунамито може да се случи во секое време од годината, но се почести во зима.

Зошто се појавуваат цунами?

Најчеста причина за цунами е земјотресот, кога има нагло движење на морското дно, што пак доведува до појава на големи бранови на површината на океанот.

Исто како земјотресни бранови, цунамито се шират многу брзо. Според научниците, цунамито може да достигне брзина од 800 километри на час. На отворено море, иако може да се почувствуваат, брановите на цунами често се ниски и ја покажуваат својата вистинска сила и големина кога ќе пристигнат поблиску до брегот каде што длабочината е помала.

Тогаш самиот бран се забавува и неговата амплитуда се зголемува. Колку е помала длабочината на морето во близина на брегот, толку е поголема висината на бранот. Така, не е невообичаено цунамито да достигне висина од неколку десетици метри.

Висока моќност = голема штета

Тие поради својата висина и сила можат да нанесат големи штети на инфраструктурата и објектите, како и да загрозат бројни човечки животи.

Цунамито има предизвикано некои од најлошите катастрофи во историјата. Неодамна, најпознатото цунами е забележано во Индискиот Океан во 2004 година, како резултат на подводниот земјотрес на 26 декември 2004 година со јачина од 9,15 степени според Рихтеровата скала, регистриран недалеку од островот Суматра. Се верува дека тоа цунами убило околу 275.000 луѓе и предизвикало голема штета во областа од Индонезија до Сомалија во Африка.

По тој земјотрес, е покрената иницијатива за создавање мрежа на сензори кои ќе ја предупредат целата област за претстојно цунами и на тој начин барем да се намали бројот на човечки жртви.

Уште едно цунами неодамна остана запаметено по својата сила. Станува збор за цунами што ја погоди Јапонија на 11 март 2011 година по земјотрес со јачина од 9 степени според Рихтеровата скала и предизвика смрт на повеќе од 20.000 луѓе. Но, тој е многу попознат по штетата што ја предизвика во нуклеарната централа Фукушима Даичи, што предизвика исклучување на системот за ладење на реакторот, нивно прегревање и ослободување на значително количество радиоактивна пареа во атмосферата. Поради обемот на штетата и нејзините последици, тој инцидент во нуклеарната централа бил окарактеризиран како нуклеарна несреќа и електраната била затворена.

Можеме ли да се заштитиме од цунами?

Постојат неколку начини да се заштитиме од цунами.

Едната е сензорска мрежа која сигнализира појава и приближување на цунами до област, што им овозможува на жителите да се евакуираат од загрозените области на повисоките места и на тој начин да го намалат ризикот од човечки жртви.

Научниците ја испитуваат и можноста за изградба на одбранбени брани на брегот, со што би се намалила моќта на ударот од цунами и со тоа би се намалиле материјалните штети и човечките жртви.

Но, најбезбедно е да научите да ги препознавате знаците на цунами.

Како да препознаете дали доаѓа цунами?

Покрај официјалните предупредувања кои можат да дојдат по силен земјотрес, добро е да знаете како да ги препознаете знаците на потенцијално цунами доколку не сте во област директно погодена од земјотресот.

Ненадејно повлекување на водата – Ако видите дека водата на брегот наеднаш се повлекува, ова може да биде знак дека се приближува цунами. Под ова не мислиме на повлекување што го гледаме при промената на плимата, туку на нагло повлекување на водата и неколку десетици метри.

Ударен бран – Многумина од оние кои загинале во 2004 година загинале бидејќи останале на брегот за да го снимат големиот ударен бран што се појавил на хоризонтот. Ако видите голем бран кој се приближува до брегот, висок и до 30 метри, можеби станува збор за цунами. Напуштете го брегот што е можно поскоро и побарајте повисоко место.

Звук – Цунамито може да создаде звуци што личат на татнеж или гром. Во комбинација со ударниот бран на хоризонтот, веројатно се работи за цунами.

Ако видите некој од овие знаци, веднаш оддалечете се од брегот и побарајте безбедно место.